Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на вчерашната прес-конференција по ниту еден основ нема направено дискредитација на Јавното обвинителство, ниту пак постои намера за напаѓање на надлежните институции и мешање во кривичните постапки коишто се во тек, соопштија од неговиот кабинет по денешната реакција од Јавното обвинителство дека неговата изјава не е реална.
„Потенцираме дека Претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази целосна поддршка за надлежните институции, а особено на обвинителството и судот и истакна дека ќе стори сè за да ги заштити од евентуалните притисоци при спроведување на истрагата и целосно расветлување на случајот ’Рекет‘. Кабинетот на претседателот Пендаровски уште еднаш укажува дека е потребно ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот ’Рекет‘, почитувајќи го начелото на презумпција на невиност“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
- ПЕНДАРОВСКИ НЕКА ГИ ПОВИКА ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ГО ИЗГЛАСААТ ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, А НЕ ДА НИ СЕ МЕША ВО РАБОТАТА, ВЕЛАТ ОД ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО
- ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПОВИКА ОБВИНИТЕЛИТЕ ДА СЕ ВРАТАТ ОД ОДМОР
Од Јавното обвинителство утринава рекоа дека вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци не е реална, бидејќи не ги повикал пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и не дал поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото.
Од Јавното обвинителство сметаат дека сега не е момент за напади на институциите и нема да дозволат дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.