„Квантас“ ќе направи пробни летови на својата планирана 19-часовна маршрута, за да утврди дали патниците и екипажот можат да издржат вакви маратонски патувања.
Оваа авиокомпанија сака најрано во 2022 година да почне со непрекинати летови од Сиднеј до Лондон, односно до Њујорк, што би биле најдолгите директни летови на светот. Актуелниот рекорд од 15.344 километри го држи „Сингапур ерлајнс“, чиј лет од Сингапур до Њујорк трае 18 часа и 25 минути.
Пробните летови ќе бидат изведени подоцна оваа година и секој од нив ќе превезува по 40 патници, чија здравствена состојба цело време ќе се набљудува.
„Ултрадолгите летови наметнуваат многу разумни прашања за комфорот и добросостојбата на патниците и екипажот“, изјави извршниот шеф на „Квантас“, Ален Џојс.
Оттаму соопштија дека непрекинатите летови до Лондон и Њујорк би траеле по 19 часови, што ќе зависи и од ветерот и временските услови. Летовите би се изведувале со „боинг 787-9с“.