АКО НЕ СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО СЕ ОСТАВА МОЖНОСТ НА КРИМИНАЛОТ, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА ОД СЈО ЛИЛЕ СТЕФАНОВА

    АКО НЕ СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО СЕ ОСТАВА МОЖНОСТ НА КРИМИНАЛОТ, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА ОД СЈО ЛИЛЕ СТЕФАНОВАПрашана за притворот на Јанева како осомничена во случајот „Рекет“, Стефанова рече тоа е доказ дека во државата се работи на расчистување со криминалот.(Фото: К. Попов)

    Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Лиле Стефанова, која го води предметот „Титаник“, побара веднаш да се донесе Законот за јавно обвинителство оти во спротивно се остава можност за криминал.

    „СЈО се наоѓа во една од најтешките состојби од основањето до денес и затоа апелирам политичарите и сите чинители на политичкиот систем да го донесат Законот за јавно обвинителство, за да немаме прекин во постапките. Не зборувам само за оние кои се во судска постапка, туку и сериозните истраги кои ги имаме. Со неносењето на законот, немање овластување или поставување на прашањето дали имаме овластување, даваме простор на криминалот“, рече Стефанова на паузата од денешното рочиште за „Титаник“, додека се очекуваше дали судијата Осман Шабани ќе го прекине судењето додека се реши статусот на СЈО како што бара одбраната.

    Откако одбраната и обвинитетите во „Титаник“ побараа предметот да биде прекинат поради притворот на шефицата на СЈО Катица Јанева, Стефанова рече дека Советот на јавни обвинители треба да одлучи како ќе се постапува во иднина за да нема вакви барања на сите предмети кои ги води СЈО.

    „Сметам дека сите укажувања на одбраната треба сериозно да се размислат и да се погледнат. Колегиумот на СЈО и Советот на јавни обвинители да ги разгледа и да донесеме заеднички заклучок како ќе постапуваме, бидејќи денес не беше побарано мое изземање или на Катица Јанева,туку прекин на постапката. Јас лично мислам дека имам овластувања да ја водам постапката, но сакам да дадам простор што понатака“ рече Стефанова.

    Прашана за притворот на Јанева како осомничена во случајот „Рекет“, Стефанова рече тоа е доказ дека во државата се работи на расчистување со криминалот.

    „Денес гледаме расчистување со криминалот и треба да бидеме горди на тоа без разлика дали ни е шеф или колега. Јас никој пат не сум се приближила до Катица, од самиот старт се оградував“, кажа Стефанова, додавајќи дека нема намера да конкурира за позицијата в. д. Специјален обвинител на СЈО.

    Вчера и премиерот Зоран Заев побара пратениците час поскоро да го донесат Законот за јавно обвинителство и порача дека законот важи за секој кој се огрешил без разлика на функцијата.

    Предлог-законот за јавно обвинителство е на дневен ред на седницата на Собранието на 27 август.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира