„МЕДЕНА ЗЕМЈА“Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА ОСКАР, ВЛЕЗЕ И МЕЃУ 12-ТЕ КАНДИДАТИ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ФИЛМСКИ НАГРАДИ

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА ОСКАР, ВЛЕЗЕ И МЕЃУ 12-ТЕ КАНДИДАТИ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ФИЛМСКИ НАГРАДИПобедникот на Санденс „Медена земја“ утре ќе има македонска премиера на затварањето на МакеДокс, а од четврток ќе игра на редовниот репертоар на киното Синеплекс во Скопје.

    „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е македонскиот кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија, соопшти Друштвото на филмски работници на Македонија чија комисија го изврши изборот. Ова е првпат македонски кандидат за Оскар да биде долгометражен документарец.

    Во Комисијата членуваа Игор Иванов – режисер и претседател на ДФРМ, Ангела Несторовска – продуцент, Аксел Мехмед – актер, Сашко Потер Мицевски – филмски монтажер и дизајнер на звук, Игор Ангелов-актер, Дина Дума – режисер и Горан Игњатовски – мејкап дизајнер.

    Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Господ постои, името ѝ е  Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, „Еј“ на Васил Христов, „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски, „Боите на Преспа“ на Перо Попов и „Џезмен“ на Аљоша Симјановски.

    „Медена земја“ сега има шанси да добие номинација во две категории за Оскар – за најдобар странски филм, но и за најдобар документарец за што директно се квалификува бидејќи победи на фестивалот Докавив во Тел Авив.

    Од  пријавени кандидатите на сите земји во јануари ќе бидат избрани 5 филмови кои ќе бидат номинирани за Оскар, а доделувањето на победниците ќе биде на 9 февруари 2020 во Лос Анџелес. Досега имало два македонски филмови со номинација за Оскар – „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 во категоријата најдобар странски филм и кусиот документарец „Дае“ на Столе Попов во 1980 во категоријата најдобар кусометражен документарец.

    „Медена земја“ влезе и меѓу 12 кандидати за најдобар документарец на годинашните Европски филмски награди, познати и како европски Оскар, што ги доделува Европската филмска академија. Во поширокиот круг филмови кои ќе конкурираат за Европски оскар во оваа категорија се вклучени 12 документарци од 12 земји, меѓу нив и „Адвокатка“ за легендарната израелска адвокатка за човекови права Леа Цемел.

    Ова е првпат Македонија да има два кандидата за Европски оскар, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска е меѓу 46-те во изборот за најдобар филм.

    Во наредните недели, повеќе од 3.600 членови на Академијата ќе изберат по пет филмови во секоја категорија кои ќе добијат номинација за Европски оскар, а нивните имиња ќе бидат објавени на 9 ноември. Церемонијата на доделувањето на наградите ќе се одржи на 7 декември во Берлин.

    Победникот на Санденс „Медена земја“ утре ќе има македонска премиера на затварањето на МакеДокс, а од четврток ќе игра на редовниот репертоар на киното Синеплекс во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира