Ќе се зголемува бројот на пожарникари во територијалните противпожарни единици и ќе се обучуваат пилоти за летање со „ер тракторите“, авиони за гаснење пожар, најави премиерот Зоран Заев, по денешната посета на Езерото Младост, чија околина во понеделникот изгоре во десетчасовната огнена стихија.
„Сите овие години има голем број донации на опрема и возила, но тоа е далеку од доволно. Ќе продолжиме со поголем интензитет да ги опремуваме противпожарните станици, кадровски да ги доекипираме и технички да ги опремиме“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе се започне со обнова на пожарникарските коли кои се стари во просек по 25 години, а бројот на пожарникари е помал од нормативите.
Тој рече дека блок дотациите за финансирање на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од МВР биле префрлени во Министерството за одбрана, со што се создава можност за кадровско јакнење но и набавка на нова опрема. Од Владата воочиле дека и Дирекцијата за заштита и спасување мора навремено да се екипира. Во земјава има три противпожарни авиони „ер трактор“ и двајца активни пилоти, кои физички не можат да стигнат да реагираат секаде низ земјава кога има пожари.
„Во Буџетот има предвидено 12 милиони денари за доедукација на пилоти, оти ги нема. Мислам дека ќе одат во Хрватска на дообразование за да може да се доекипираат. Пилотите имаат право на одмор после одреден број часови на лет. Таков беше и случајот во Велес и затоа повеќе вода истурија воените хеликоптери отколку ‘ер тракторите’“, кажа Заев.
Тој нагласи дека штетите и последиците од пожарот кој зафати 400 хектари површина околу Езерото Младост се долгорочни.
„Тажни се сликите кои ги гледам на велешко Езеро Младост, сочувствувам со велешани кои за неколку часа изгубија омилено рекреативно излетничко место. Чувствувам и гнев, оти се случило од човечка небрежност и неодговорност“, рече Заев.
Најави дека ќе се спроведе план за брзо, масовно и ефикасно пошумување, кој ќе започне од есен со вонредно пошумување, за што со ребалансот на Буџетот ќе се предвидат средства за ЈП Македонски шуми да може да ја изведе акција, која би се спровела во ноември.
Директорката на „Бабуна“, подрачна единица на Македонски шуми за Велес, Љубенка Попова кажа дека изгорените дрва не можат да се користат за никаква намена. Изгорени околу 20 илјади метри куби изгорени дрва, или колку што за една зима користат велешани за огрев.
„Овој пожар беше највисок, или дрвата се изгорени во целост, од коренот до последните иглици горе. Тоа значи дена не може да се користат ниту за граѓа, ниту за огрев. Според наши процени, целата површина од 400 хектари за три години треба да биде покриена со нови садници“, рече Попова.
Командирот на ТППЕ Велес Љупчо Лепидовски кажа дека пожарот започнал во 11,20 часот и биле ангажирани 14 пожарникари, кои постапиле според сите стандарди. Тој сподели една досега непозната епизода, кога во прашање бил и опстанокот на соседното Башино Село.
„Во еден момент кога огнот го зафати отпад Дине, сопственикот со вилјушкар влезе во запалениот објект и изнесе 12 оксигенски боци. Со нивна експлозија ќе беше загорезено Башино Село и соседната бензинска пумпа. Несреќен сум што ги изгубивме белите дробови на Велес, но среќен сум што ги спасивме населбата Дурутовец, Отовица и селото Новачани“, рече Лепидовски.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски најави отворање на жиро-сметка за донација, бидејќи се јавиле голем број поединци, фирми кои сакат да помогнат во санација на штетите.
П. ПЕЧКОВ