ТРГНУВА СОБРАНИСКАТА ПРОЦЕДУРА, ПРАТЕНИЦИТЕ ИМААТ НАМЕРА ДА ЈА РАЗРЕШАТ ЈАНЕВА

    ТРГНУВА СОБРАНИСКАТА ПРОЦЕДУРА, ПРАТЕНИЦИТЕ ИМААТ НАМЕРА ДА ЈА РАЗРЕШАТ ЈАНЕВАСпецијалната обвинителка Катица Јанева до откривањето на аферата „Рекет“ кај што е осомничена и до притворањето, на новинарите им поставуваше контрапрашања: „Како мислите да ме разрешат? Кој може мене да ме разреши?“. - Јанева на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција на 20 август (Фото: СДК.МК)

    Тргнува процедурата за разрешување на Специјалната обвинителка Катица Јанева во Собранието. Истекоа трите дена откако Советот на јавни обвинители му го даде на претседателот на Собранието Талат Џафери извештајот со предлог за разрешување на Јанева. Денеска Џафери ќе му го даде на претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски и на членовите на оваа комисија.

    Според расположението на сите пратеници, Комисијата најверојатно ќе даде зелено светло за Јанева да биде разрешена и потоа тој предлог ќе му биде поднесен на целиот парламентарен состав. Спикерот Талат Џафери ќе треба потоа да закаже пленарна седница. Одлуката потоа ќе треба да му ја прати на Советот на јавни обвинители, да ја потврди.

    Ако Јанева биде разрешена, Специјалното обвинителство останува без обвинител и нефункционално, до изборот на в. д. Специјален обвинител, нов Специјален обвинител или до изгласувањето на новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој СЈО ќе се интегрира во редовното ОЈО за организиран криминал, кое по ново ќе се вика ОЈО за организиран криминал и висока корупција, па ќе нема потреба ни од в. д., ни од нов Специјален обвинител.

    Јанева е во притвор од 21 август 2019, за злоупотреба на службената положба и овластувањата во случајот „Рекет“.

    Пратениците пред себе ќе ги имаат сите основи за сомневања за злоупотребата на Јанева, извадени од истрагата која е во тек и е тајна. Со оглед на тоа, најавите се дека кога Димовски ќе ја закаже седницата на Комисијата, внатре членовите ќе го разгледуваат материјалот без присуство на јавноста. Податоците во извештајот на Вилма Рускоска не се класифицирани, но по сила на закон тие стануваат службена тајна, бидејќи Законот за кривична постапка (ЗКП) вели дека истрагата е тајна и не смее да ѝ се наштети.

    Паралелно со обезглавувањето на СЈО, течат партиски преговори за Законот за Јавно обвинителство, за кој премиерот Зоран Заев најави дека ќе се донесе во првите 10 дена од септември, зашто продолжувањето со работа на СЈО и непрекинувањето на истрагите и обвиненијата, се услов за добивање датум за преговори за членство во ЕУ, што се очекува во октомври.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира