ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО СЕКАКО ТРЕБА ДА ПРЕМИНАТ ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, КАЖА ЗАЕВ ЗА ПИСМОТО НА ЈАНЕВА

    ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО СЕКАКО ТРЕБА ДА ПРЕМИНАТ ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, КАЖА ЗАЕВ ЗА ПИСМОТО НА ЈАНЕВАОдговарајќи на новинарско прашање, премиерот Зоран Заев рече дека не добил покана за распит од обвинителката Русковска за случајот „Рекет“. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев вели дека писмото што го испратила специјалната обвинителка Катица Јанева од притвор со кое таа ги отстапува предметите на СЈО на Јавното обвинителство е логична постапка, бидејќи, како што кажа тој, и со договор и без договор со ВМРО-ДПМНЕ за новиот Закон за Јавно обвинителство, сегашните законски одредби велат дека предметите од СЈО треба да преминат во Јавното обвинителство.

    „И ако не се постигне договор, сегашните законски одредби велат дека предметите од СЈО треба да преминат во Јавното обвинителство. Правото на специјалниот јавен обвинител е опишано во Законот за јавното обвинителство и законски е дозволива одлуката на специјалниот јавен обвинител да ги предаде. Немаме контакти со Катица Јанева да прашаме зошто така постапила, но она што е очигледно е наближувањето на 15 септември кога завршува нејзиниот мандат и функцијата не може да ја пренесе на заменик или на избор на некој друг. Веројатно заради безбедноста на сите индиции, материјали што таму се обезбедени, така што не веруваме дека ќе влијае на преговарачкиот процес. Очекувам исчекор, утре би требало да се сретнат работните групи, ако двете страни се подготвени после консултациите, за да се продолжи во изнаоѓање решение кое би требало да биде до крајот на неделата“, изјави Заев по увидот во отпочнувањето на градежните работи на делницата Кочани-Крупиште.

    Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека не добил покана за распит од обвинителката Русковска.

    „Досега не сум добил покана од јавното обвинителство, а ако добијам тоа веднаш ќе го соопштам за јавноста“, рече премиерот.

    Комисијата за избори и именувања денеска без дискусија донесе одлука да му предложи на Собранието да ја разреши специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа е во притвор од 21 август, осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во случајот „Рекет“, а мандатот ѝ истекуваше на 15 септември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира