Конечна или активирана оставка од Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска до завршување на работното време не пристигнала ниту кај судија на претходна постапка, ниту во Советот на јавни обвинители, ниту пак таква дојава засега има од управата на затворот во Шутка, рекоа за САКАМДАКАЖАМ.МК од сите три институции.
Комуникацијата на истражниот затвор, каде што се наоѓа Јанева по изречената мерка притвор, е пропишана со закон и таа оди строго преку судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1.
„До завршување на работното време, од истражниот затвор во врска со Јанева нема стасано, ниту примено никаков допис. Утре е нов ден, јас можам да ви одговорам за денеска. Активирана оставка од Јанева денеска нема дојдено во Основниот суд Скопје 1“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Судот Иван Џолев.
И претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски го кажа истото.
„До крајот на работното време денеска такво нешто од Основниот суд Скопје 1 нема стигнато до Советот“, вели Колевски.
Вечерва, некои медиуми проширија гласови дека Јанева ја активирала оставката во рачно напишано писмо кое, наводно, било испратено и до Советот на јавни обвинители.
Специјалната обвинителка Катица Јанева поднесе условна оставка на 15 јули, кусо истиот ден откако беше уапсен Бојан Јовановски-Боки 13 како првоосомничен во истрагата „Рекет“. Јанева е третоосомничена во оваа истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција и е во притвор од 21 август, осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања. Вториот осомничен, кој исто така е во притвор, е Зоран Милески- Кичеец.
Мандатот на Јанева ѝ истекува на 15 септември.
Јанева поднесе оставка и рече дека ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник. Рече дека нема да дозволи нејзиното име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на земјата.
- КАТИЦА ЈАНЕВА ДЕПОНИРА ОСТАВКА ЗА ТАА ДА НЕ БИДЕ АЛИБИ ЗА ДРЖЕЊЕ ВО ЗАЛОЖНИШТВО НА СЈО И ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА
- КОМИСИЈАТА ЗА ИЗБОРИ И ИМЕНУВАЊА МУ ПРЕДЛОЖИ НА СОБРАНИЕТО ДА ЈА РАЗРЕШИ КАТИЦА ЈАНЕВА
„Чест ми беше да ѝ служам на државата и да бидам на чело на исклучително професионален обвинителски тим, истражителски тим и тим на вработени кои безрезервно и посветено ги извршуваат своите работни задачи. Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на мојата земја. Ја депонирам мојата оставка, која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“, кажа Јанева во оставката.
Таа му се заблагодари на целиот тим на Специјалното јавно обвинителство и кажа дека треба да бидат горди затоа што претставуваат симбол за бескомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција.
Вчера Јанева од затворот во Шутка испрати преку затворската управа писмо до судијата на претходна постапка, со кое му даде полномошно на Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети обвиненија, предистраги и истраги од СЈО и да ги распредели на обвинители за непрекината натамошна постапка.
Комисијата за избори и именувања денеска без дискусија донесе одлука да му предложи на Собранието да ја разреши Специјалната обвинителка Катица Јанева. Одлуката на Комисијата сега оди кај претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да закаже пленарна седница, на која за да се разреши Јанева потребно е двотретинско мнозинство.
С. К. ДЕЛЕВСКА