ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ПОРАНЕШЕН ДИРЕКТОР НА РЕК ЗА ЗАГАДУВАЊЕ НА ЖИВОТНА СРЕДИНА СО ОТРОВНА ПЕПЕЛ

    ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ПОРАНЕШЕН ДИРЕКТОР НА РЕК ЗА ЗАГАДУВАЊЕ НА ЖИВОТНА СРЕДИНА СО ОТРОВНА ПЕПЕЛДиректорот на РЕК Битола е обвинет дека дозволил производство без да се почитуваат утврдените правила и процедури за навремено покривање на отровната пепел со јаловина. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Битола до Основниот суд во Битола поднесе обвинителен акт против директор од поранешното раководство на РЕК, кој го водеше комбинатот за време на претходната власт, осомничен за загадување на животната средина и природата од член 218 став 2 од Кривичниот законик, како и против правното лице Акционерско друштво за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија, кое се товари дека сторило кривично дело – Загадување на животната средина и природата од член 218 став 6 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

    Јавното обвинителство соопшти дека во периодот од јануари 2015 до 7 февруари 2017, на обвинетиот како одговорно лице директор на РЕК Битола му било доверено извршување на законските и подзаконските прописи за управувањето, користењето и располагањето со имотот, раководењето со производниот потфат и надзорот во РЕК. Но притоа, тој не се придржувал кон прописите за заштита на животна средина и дозволил користење на погон кој ја загадува животната средина, и дозволил отпепелувањето на пепелта која се добива во процесот на производство на електрична енергија од јаглен во РЕК Битола на одлагалиштето за пепел да се спроведува без да се почитуваат утврдените правила и процедури за навремено покривање на пепелта со јаловина, со континуирано и постојано работно ангажирање на потребната механизација на одлагалиштето.

    И покрај тоа што Секторот за отпепелување во рамките на Термоелектрана при РЕК Битола постојано барал ваква механизација, како директор на РЕК Битола обвинетиот не презел мерки за непречено обезбедување на механизацијата на лице место. Како резултат на тоа, на одлагалиштето во наведениот период биле одлагани големи количини непокриена пепел кои во март 2017 година достигнале површина од 50.000м2. При воздушни струења пепелта се разлетувала во околината, со што е предизвикана опасност за животот и здравјето на вработените во РЕК Битола и луѓето кои живеат во населените места околу РЕК Битола. Имено, летечката пепел која се создава со согорување на јагленот содржи сулфур диоксид, азот диоксид и тешки метали чие вдишување предизвикува влошено респираторно и кардиоваскуларно здравје на населението кое работи и живее во близина на термоелектраните како РЕК Битола, стои во соопштението.

    Поранешниот директор, кој сега е обвинет, на раководното место беше пред пензионирање. Тој директор на РЕК беше и претходно, како и директор за производсто во Комбинатот.

    Разнесувањето на прашината од одлагалиштето за пепел беше голем проблем за Битола и околината. Дури и невладини организации поднесоа пријави против потанешното раководство. Сега, од 30.000 метри квадратни пепел непокриени со земја, новото раководство ги сведе на 5.000 метри квадратни, засадени се илјадници садници и се гради висок бедем за да се спречи загадување од одлагалиштето во пепел во РЕК.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира