Републичките обвинители на чело со Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на вчерашниот колегиум донеле одлука дека Јавното обвинителство не смее да дозволи спротивно на уставните и законските надлежности, да не ги истражи собраните докази за криминал или да ги прекине почнатите судења по обвиненијата на СЈО, само затоа што од политички причини и теснопартиски интереси ќе згасне Специјалното обвинителство, на една година пред регуларниот истек на мандатот.
Републичките обвинители донеле одлука пред згаснувањето на СЈО редовното обвинителство да ги преземе сите предистраги, истраги и обвиненија што ги покренало и што ги застапува во моментов Специјалното обвинителство. Ова уследи откако Специјалната обвинителка Катица Јанева, пред два дена од притвор во затворот Шутка, испрати писмо-полномошно со кое го овласти Државниот обвинител Јовески кој е на врвот на пирамидата во обвинителството на земјава, да ги преземе сите предмети од СЈО пред истекот на нејзиниот мандат на 15 септември, за да не пропаднат.
На колегиумот, според соопштението од Јовески, покрај известувањето со полномоштвото од Јанева, било разгледувано истовремено и известувањето од јавните обвинители од СЈО, каде имаше поделени ставови за одлуката на Јанева. Заземен е став Јовески да ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите кои ќе му бидат предадени од Специјалното обвинителство.
„Ваквиот став е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично-правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото. Постапките по конкретните предмети ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства“, наведува Јовески, без детали конкретно кај кои обвинители ќе ги распредели во натамошна постапка почнатите предмети од СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА