НИ ПРЕТСТОИ БОРБА ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО, СИРОМАШТИЈАТА И КОРУПЦИЈАТА, КАЖА ЗАЕВ НА ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА

    НИ ПРЕТСТОИ БОРБА ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО, СИРОМАШТИЈАТА И КОРУПЦИЈАТА, КАЖА ЗАЕВ НА ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТАПремиерот Зоран Заев рече дека од држава со многу проблеми и лоши односи со соседите, сега сме позитивен пример и, како што кажа тој, гордост европска. - Заев фрла искористени батерии во кутија што ја држи министерот за животна средина Насер Нуредини на прославата на Денот на независноста во Градскиот парк во Скопје (Фото: К. Попов)

    На прославата на Денот на независноста – 8 Септември во Градскиот парк во Скопје, премиерот Зоран Заев рече дека најголемите проблеми се зад нас откако претходно зборуваше за Договорот од Преспа и најави дека стартот на преговори за членство со ЕУ во октомври ќе го зајакне континуитетот на домашните реформи.

    „На прав пат сме. Најголемите проблеми се зад нас, тоа е патот на раст на плати, градежна офанзива, патот по кој парите одат кај граѓаните, патот на заедничка борба против загадувањето, сиромаштијата и корупцијата, тоа е патот на сигурноста, безбедноста и слободата, тоа е патот до НАТО и Европската унија. Стартот на преговорите за членство со ЕУ во октомври ќе го зајакне континуитетот на домашните реформи, остануваме посветени на владеењето на право и зголемување на животниот стандард“, кажа Заев.

    На прославата кај Школка во Градскиот парк се мереше и притисок. (Фото: К. Попов)

    Премиерот рече дека од држава со многу проблеми и лоши односи со соседите, сега сме позитивен пример и, како што кажа тој, гордост европска.

    „Не бегаме од проблемите, пријатели сме со сите соседи. Република Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан, Балкан достоен за 21. век, без бајати кавги, само соработка и заедништво. Не треба да им подлегнеме на емоциите кои се јавуваат при секоја промена. Ако размислиме рационално, ќе сфатиме дека ништо не губиме, а може сè да добиеме“, вели Заев.

    Од спортските активности на прославата на Денот на независноста (Фото: К. Попов)

    Тој кажа и дека сме успеале да го фативме последниот воз за градење на стабилна и просперитетна иднина.

    На прославата, на просторот околу Школка во Градскиот парк, беа поставени повеќе штандови со традиционална храна, имаше спортски активности и граѓаните можеа да си го проверат здравјето, а имаше и штандови за запознавање со мерките и услугите на повеќе министерства и други државни управи и агенции.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира