Реформите во судството не се спомнуваат во новиот договор на 4-те партии за излез од кризата, а не се спомнува ниту формирање специјален оддел за предмети произлезени од прислушуваните материјали што ги води СЈО. Во јавноста се шпекулира дека ова навестува формирање на специјален суд по урнек на Специјалниот суд за воени злосторства од ОВК на Косово, а кој е формиран од ЕУ и таму ќе судат само европски судии.
“Тоа ќе биде тежок срам за судството, за кривичарите, за правната фела во Македонија ако се дозволи специјален суд по урнек на косовскиот“, вели академик Владо Камбовски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Тој укажува дека е изненаден што после таква блокада на Специјалното обвинителство од сите надлежни институции, инструираност и пристрасност од страна на Основниот суд Скопје 1 да носи одлуки во корист на осомничените функционери од власта, сепак ни на последните дополнителни средби на работните групи на 4-те партии – потписнички на Договорот од Пржино, реформите во судството не беа воопшто спомнати. Не се спомна, вели, ни формирање специјален оддел за предмети произлезени од прислушуваните материјали што ги води СЈО.
„Изостанаа средувањето на состојбите во судството и владеењето на правото, најважната работа за Македонија што беше приоритет број еден во Извештајот на Рајнхард Прибе“, вели Камбовски и додава дека партиите и меѓународните посредници го баталија исполнувањето на обврските од поглавјето 23, кое беше поставено пред државата како најважна обврска.
„Независно кога ќе бидат изборите, со реформите во судството и владеењето на правото треба веднаш да се почне. Сите патишта се преклопуваат низ судството. Зошто во овие преговори не се најдоа поглавјата 23 и 24? Таква крупна работа партиите и посредниците да заобиколуваат. Таа беше во Извештајот на Прибе, беше прифатена од Владата“, вели Камбовски.
Поглавјето 23, кое четирите партии веќе не го спомнуваат, се однесува на правосудството и на фундаменталните права: ефикасност и непристрасност на судството, антикорупција, спречување тортура, затворски систем, слобода на изразување, слобода на здружување, родова еднаквост, антидискриминација. Поглавјето 24, пак, кое оди во пакет со 23, се однесува на правда, слобода и на безбедност (миграција, азил, визна либерализација, надворешни граници и граници на Шенген-зоната, судска соработка во кривични и во граѓански предмети, полициска соработка во кривични и во граѓански предмети, борба против организиран криминал, борба против тероризам и царинска соработка за борба против дрога и фалсификување на еврото).
Македонија во секој извештај од Европската комисија има забелешки околу напредокот во овие поглавја.