СОПРУГАТА НА ИГОР ЈАНУШЕВ ПОЛОЖИ СО НАЈВИСОКА ОЦЕНКА ЗА СУДИЈА, А ВМРО-ДПМНЕ СЕ СОМНЕВА ВО КОМПЈУТЕРСКИОТ СИСТЕМ НА АКАДЕМИЈАТА „ПАВЕЛ ШАТЕВ“ НА КОЈ ПОЛАГАЛА

    СОПРУГАТА НА ИГОР ЈАНУШЕВ ПОЛОЖИ СО НАЈВИСОКА ОЦЕНКА ЗА СУДИЈА, А ВМРО-ДПМНЕ СЕ СОМНЕВА ВО КОМПЈУТЕРСКИОТ СИСТЕМ НА АКАДЕМИЈАТА „ПАВЕЛ ШАТЕВ“ НА КОЈ ПОЛАГАЛАСпоред списокот на кандидати за судии и јавни обвинители кој е објавен на веб-страната на Академијата за судии и обвинители, второрангирана на таа листа е Маја Јанушева, сопруга на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. Таа е меѓу првите тројца највисокорангирани кандидати, кои имаат право да изберат за што сакаат да бидат избрани, за судии или за обвинители, а нејзиното име директорката на Академијата Наташа Габер-Дамјановска веќе го испратила во Судскиот совет за да биде избрана за судијка. (Фото: СДК.МК)

    Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска на прес-конференција обвини за местенки при изборот на кандидатати за полагање приемен испит во Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“ по нарачка на премиерот Зоран Заев и генералниот секретар Драги Рашковски, по што реагираше директорката на Академијата Наташа Габер-Дамјановска, која праша зошто истата партија не реагирала кога пред еден месец преку истиот систем со статус на кандидат за судија се стекна сопругата на висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

    Според списокот на кандидати за судии и јавни обвинители кој е објавен на веб-страната на Академијата, второрангирана на таа листа е Маја Јанушева, сопруга на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. Таа е меѓу првите тројца највисокорангирани кандидати, кои имаат право да изберат за што сакаат да бидат избрани, за судии или за обвинители. Јанушева е меѓу  37 слушатели на шестата генерација на Академијата „Павел Шатев“ што 24-месечната обука ја почна на 1 март 2017, кога директорка беше Аната Арнаудовска.

    Маја Јанушева, сопруга на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, е втора на конечната ранг-листа од последната генерација кандидати за судии и обвинители на Академијата за судии и обвинители. Нејзиното име директорката на Академијата Наташа Габер-Дамјановска веќе го испратила во Судскиот совет за да биде избрана за судијка. (Фото: Скриншот од ранг-листата објавена на веб-страната на Академијата за судии и јавни обвинители)

    Академијата за судии веќе го испратила името на Маја Јанушева во Судскиот совет, кој треба да распише оглас и да ги избере за судии неа и останатите кандидати кои го положиле испитот.

    Маја Јанушева на 1 март 2017 ја почна 24-месечната обука на Академијата „Павел Шатев“. (Фото: Академија за судии и обвинители „Павел Шатев“)

    ВМРО-ДПМНЕ обвини дека местенките за 60-темина кандидати за слушатели на наставата, Заев и Рашкоски го правеле преку компјутерскиот систем со кој се врши селекцијата, а за кој Габер-Дамјановска тврди дека е истиот од времето кога полагала сопругата на високиот партиски функционер. Потврда за тоа, вели таа, може да дадат и членовите на Комисијата кои се таму уште од времето кога била на власт ВМРО-ДПМНЕ, партијата што сега обвинува.

    „Во случај да постои сомнеж дека компјутерскиот систем побудува партиска пристрасност, тогаш се прашуваме зошто досега немаше реакции од истиот политички субјект кога во истиот тој компјутерски систем пред еден месец VI генерација на слушатели го полагаше завршниот испит и се стекнаа со статус на идни кандидати за избор за судии и јавни обвинители, меѓу кои и сопругата на виден опозициски функционер која е второрангирана?“, реагираше директорката Габер-Дамјановска.

    Јанушева е меѓу 37 слушатели на шестата генерација на Академијата „Павел Шатев“ што 24-месечната обука ја почна на 1 март 2017, кога директорка беше Аната Арнаудовска. (Фото: Академија за судии и обвинители)

    Отфрлувајќи ги обвинувањата, таа напиша дека биле преземени сите мерки за предострожност со цел испитот да поседува интигритет и да се обезбедат реално најдобрите кандидати за идни судии и обвинители.

    „Мошне внимателно и под строга тајност беше изготвена базата на прашања за тестирањето. Првиот чекор кој го презема Академијата, беше да укаже на сите лица инволвирани во целокупниот процес на прием на нови кандидати да се изземат во случај на постоење на судир на интереси. Копии од тие образци беа испратени до ДКСК во јуни годинава. Академијата, за да се обезбеди од евентуално пробивање на шифрите кои ги добиваа кандидатите, креираше двојно шифрирање за секој кандидат за секој дел од испитот, која втора шифра ја добиваа при самиот влез за полагање. Тие шифри се познати на екстремно ограничен број на луѓе кои поседуваат сертификат за работа со класифицирани информации. Се прашуваме, од каде е изворот на овие шпекулации околу идентитетот на полагачите, бидејќи согласно Законот за Академијата идентитетот на кандидатите е заштитен со шифра?“, праша Габер-Дамјановска.

    Според Арсовски, фирмата што го спроведува ова полагање е поврзана со двоецот од владата Заев-Рашковски. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека двоецот Заев-Рашковски преку системитизирана методологија влијаел врз електронските резултати на кандидатите, а во четвртокот „неколку лица директно поврзани со Заев, Рашковски и СДСМ оствариле нетипично високи резултати“.

    Габер-Дамјановска вели дека „за жал, ваквите непримерни партиски пресови базирани на шпекулации беа очекувани!“

    „Зошто постои потреба секој позитивен процес кој се одвива во нашата држава (како што е селекција на најквалитетни идни кадри на правосудството) да мора да биде намерно извалкан? За ваша информација, ги споделуваме нашите досегашни неофицијални резултати кои произлегоа од половина од одвивањето на испитот досега. Вкупниот број на бодови кои можат да се освојат на квалификацискиот тест изнесува 100 бода, а досега над 90 бода имаат освоено 19 кандидати“, рече во демантот Габер-Дамјановска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира