ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА „БРАЌА МАНАКИ“ ЗА КИНЕМАТОГРАФЕРКАТА ХЕЛЕН ЛУВАРТ

    ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА „БРАЌА МАНАКИ“ ЗА КИНЕМАТОГРАФЕРКАТА ХЕЛЕН ЛУВАРТДел од наградените на синоќешното затворање на фестивалот: Ерик Гитје ја прими наградата во име на Луварт, Констанца Сандовал од Аргентина и Даниеле Ципри (Фото: ИФФК „Браќа Манаки)

    Француската кинематограферка Хелен Луварт за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ ја доби Златната камера 300 на 40. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола кој заврши синоќа.

    Одлуката за годинашните награди ја донесе жирито во состав: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ, а во нивното образложение стои дека Луварт е наградена „поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и не’ приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни“.

    Наградата во име на Луварт ја прими Ерик Готје, нејзин долгогодишен пријател и колега.
    „Се разбира јас не сум Хелен Луварт (ха, ха). Таа во моментов треба да е во Хрватска, се обидов да ја добијам на телефон, но и беше исклучен сигурно снима, но многу сум среќен за неа. Таа е храбра жена, исклучителна кинематограферка која е храбра и се бори не само за жените кои се нејзини колешки, туку и за уметноста. Знам дека би била многу среќна. Не знае дека сум тука и дека ја примам наградата во нејзино име. Му благодарам на жирито, но длабоко му се заблагодарувам на мојот пријател Ед Лакман“, рече Готје.

    Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби Сребрената камера 300 за филмот „Езеро на дивите гуски“, а кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри е добитник на Бронзена камера 300. Јоланта Дилевска, кинематограферка на филмот „Ајка“ доби посебно признание поради интуитивната употреба на камерата, а Мала камера 300 доби кинематограферката Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовишен Господ“.

    На свеченото затворање на фестивалот беше прикажан филмот „Манаки-приказна во слики“на Роберт Јанкулоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира