КИНОТЕКАТА СО ОМАЖ НА РЕЖИСЕРОТ СТЕФАН СИДОВСКИ-СИДО, ЌЕ ПОСТАВИ И ПОЧЕСНО СТОЛЧЕ

    КИНОТЕКАТА СО ОМАЖ НА РЕЖИСЕРОТ СТЕФАН СИДОВСКИ-СИДО, ЌЕ ПОСТАВИ И ПОЧЕСНО СТОЛЧЕСтефан Сидовски-Сидо (1946 – 2019) беше голем пријател на Кинотеката и со децении важеше за неформален учител на млади филмофили, а и самиот сними аматерски и експериментални филмови

    Кинотеката за в среда од 20 часот организира Вечер посветена на професорот Стефан Сидовски-Сидо (1946 – 2019), кој беше голем пријател на Кинотеката и еден од нејзините најредовни посетители. Тој со децении важеше за неформален учител на млади филмофили и самиот снимаше аматерски и експериментални филмови. Во киносалата ќе биде поставена плочка со неговото име на неговото омилено столче, а на публиката ќе ѝ се обратат и неколку негови пријатели.

    „Стефан Сидовски-Сидо е легенда на аматерскиот филм во Македонија (ја носеше титулата Мајстор на аматерскиот филм, највисоката титула што ја доделува Киносојузот на Македонија) и еден од најомилените професори по филозофија и филм. Заљубеник и занесеник по филмот од рана возраст, Сидо повеќе од половина век беше синоним за неверојатна посветеност на филмот“, велат од Кинотеката.

    Ќе бидат прикажани неколку филмови на Сидо, како и краткиот документарен филм на Тамара Котевска, насловен „Сидо“ (нејзин испитен филм по предметот Филмска и ТВ-режија на ФДУ во траење од 20 минути), како и неколку досега необјавени видеоматеријали за професорот.

    Сидовски е роден на 3 октомври 1946, а почина во јули годинава. Студирал филозофија, а во 1973 се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин”. Во 1995 магистрира со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар”, а во 2001 докторира на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот”. Уште од гимназизки денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 е член на „Академскиот киноклуб”. Учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.

    По 36-те години поминати како професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.

    Беше режисер и глумец во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Автор е на десетици филмови, меѓу кои и „Контејнер“ (2008), „Полуден Револуционер“ (2015), „Raison d’etre “ (2006), „Средба“ (2014), „Големиот оратор“ (2007), „C’est la Vie“ (2016).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира