НЕМА МЕСТО ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО НОВАТА БАРОКНА ЗГРАДА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ, ОПОЗИЦИЈАТА ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА ЗА ПРОДАЖБА НА ГРАДСКАТА КУЌА

    НЕМА МЕСТО ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО НОВАТА БАРОКНА ЗГРАДА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ, ОПОЗИЦИЈАТА ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА ЗА ПРОДАЖБА НА ГРАДСКАТА КУЌАГрадоначалникот Петре Шилегов пред советниците од СДСМ и коалицијата кои останаа на седницата кажа дека во објектот кој почна да го гради минатото раководство нема место за сите вработени, туку само за 350.(Фото: СДК.МК)

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата ја напуштија денешната седница на Советот на Град Скопје, бидејќи на неа беа продложени неколку дополнителни точки меѓу кои и продажбата на новоизградената барокна Градска куќа. Според нив, неприфатливо е за вакви важни одлуки да се информираат и материјалите да ги добиваат на самата седница, а не една недела порано кога се закажува седницата.

    „Ова е еден ултиматум кој го поставува градоначалникот, а се предлага како дополнителна точка. Во материјалот што го добивме стои само дека немало доволно простор, а нема информации колку простории има, каков е објектот, дали е опремен. Не може овој објект кој се градеше со парите на граѓаните, сега да се продава“, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски, по што сите советници ја напуштија седницата.

    Градоначалникот Петре Шилегов пред советниците од СДСМ и коалицијата кои останаа на седницата кажа дека во објектот, кој почна да го гради минатото раководство,  нема место за сите вработени, туку само за 350.

    „Мене ми беше чудно како може објект со површина од 6.000 метри квадратни да има толку малку простор за работни простории. Архитектите со кои разговарав ми кажаа дека има многу неискористен простор. Исто така, сметам дека оваа локација е несоодветна за институција како Град Скопје. Доколку успееме да ја продадаме зградата, ќе се отвори можност да купиме и да се преселиме во објект многу посоодветен и со простории и со локација“, кажа Шилегов.

    Градската куќа ќе се продава на јавна аукција, а почетната цена ќе биде 12,7 милиони евра, цена за која е проценет објектот.

    Градската куќа покрај Вардар почна да се гради во 2011, а при поставувањето на камен-темелникот ексградоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе биде готова кон средината на 2015. За изградба на објектот Град Скопје склучи договор од 15 милиони евра со „Бетон“, потоа склучи и дополнителен договор од 3 милиони евра за изградба на енергетски ефикасна фасада. Идејно решение е на Иван Кокалановски и Борче Стојковски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира