НОВАТА ФИРМА НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ „ГРАДСКИ ЕНЕРГЕТСКИ СИСТЕМИ“ ЌЕ ЗЕМЕ КРЕДИТ ОД МИЛИОН ЕВРА ЗА ДА ПОЧНЕ СО РАБОТА

    НОВАТА ФИРМА НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ „ГРАДСКИ ЕНЕРГЕТСКИ СИСТЕМИ“ ЌЕ ЗЕМЕ КРЕДИТ ОД МИЛИОН ЕВРА ЗА ДА ПОЧНЕ СО РАБОТАНа собранието на АД „Градски енергетски системи“ кое се одржа на 26 септември беа изгласани одлуките за кредитно задолжување од милион евра и за зголемување на основачниот блог од 250.000 евра за плус пола милион евра. (Фото: Град Скопје)

    АД „Градски енергетски системи“(ГЕС) формирано од Град Скопје, ќе зема кредит од еден милион евра за да набави опрема и возила за работа, да изнајми простории и да се вработат 110 лица. ГЕС зимава треба да ја преземе дистрибуцијата на топлинската енергија  од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ). За да можат да  почнат со работа, како што вели директорката Александра Маројевиќ, потребни им се околу 1,7 милиони евра. Средствата ќе се обезбедат преку кредит во висина од еден милиони евра, кој ќе се земе од домашна банка и преку зголемување на основачниот влог од 250.000 евра за плус пола милион евра.

    На последната седница на Собранието на АД „Градски енергетски системи“ која се одржа на 26 септември, беа изгласани одлуките за кредитно задолжување од 60 милиони денари и зголемување на основачниот блог.

    „Планирате активности се базираат на предвидувањата дека на први декември ќе ја добиеме лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија и од тој датум ќе почнеме со работа.  Потребно е да вработиме 110 лица односно машински и електро техничари, електро и машински инжинери, економисти и правници. Потребен ни е работен простор од 500 метри квадратни и три помали работни простории на три локации во градот односно Карпош, Центар и Аеродром за вработените кои ќе работат на одржување на топловодната дистрибутивна мрежа и топлински станици на трите реони. Исто така потребни ни се резевни делови за одржување на мрежата, алат, возила, компјутери, мебел“, вели директорката на ГЕС Александра Маројевиќ.

    Маројевиќ вели дека во октомври ќе поднесат барање до Регулаторната комисија за енергетика за добивање на лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија. Со тоа, автоматски Градот ќе стане сопственик на топлификацискиот систем, ќе купува енергија од производителите „Те-То“, „БЕГ“, „Топлана Запад“, „Топлана Север“ и ќе ја дистрибуира до корисниците. Лиценцата за снабдување на домаќинствата со топлинска енергија, Маројевиќ очекува да ја добијат догодина.

    АД „Градски енергетски системи“ беше формирано од Град Скопје на 20 јуни годинава. За градоначалникот Петре Шилегов, преземањето на топловодната мрежа е една од фундаменталните мерки кои ги направил Градот во борбата против загадувањето.

    „Ќе воспоставиме тарифен модел соодветен на потребите на граѓаните и целокупниот систем ќе биде поврзан што не е случај сега. Ќе можеме на 14.000 луѓе кои се откажаа од ‚Топлификација‘ да им понудите тарифи со кои ќе ги вратиме во системот. Фактот што Градот ќе има топлификација и гасификација ќе овозможи да ги креира политиките за затоплување на домовите, нешто што како стратегија недостасувало во Скопје“, кажа Шилегов на 20 јуни на седницата за формирање на АД „Градски енергетски системи“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира