Каратистот Емил Павлов го освои златниот медал во својата категорија – 60 кг на Светската премиер лига што се одржа во Москва. Павлов е кандидат за Олимписките игри во Токио и најдобриот македонски спортист за 2018.
На првенството во Москва, Павлов победи шестмина сегашни и поранешни светски прваци. Најпрвин го победи Ласло од Унгарија со 4:1, потоа Гомез од Шпанија со 6:0, потоа Калинис од Латвија со 5:3, па Бросе од Бразил со 2:0, италијанецот Анџело со 1:0 и во финалето Ерај Самдан од Турција со 3:1.
Павлов, член на карате клубот Штип, и неговиот тренер Сашко Арсовски по овој најнов успех рекоа дека силно се подготвуваа за ова Светско првенство, и најавија дека ова е само почеток на големите резултати што тие ги очекуваат за пласман и медали на Олимпијадата во Токио.
Останатите македонски каратисти Петар Заборски, Берат Јакупи, Петар Спасеновски, Виктор Крствески и Жарко Аровски не го поминаа првото коло.
Т. ЈОВАНОВСКИ