Поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета во „Рекет“, се мисли дали да понуди спогодба со Обвинителството за организиран криминал, со која би ја признала вината дека за паричен и материјален надомест се обидела да го спаси осомничениот во „Империја“ Орце Камчев. На 10 октомври истекува рокот за давање исказ пред обвинителката Вилма Русковска во истрагата за „Рекет“, но Јанева одлучила да не даде исказ, ни изјави нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска.
По оваа одлука на Јанева, што е нејзино законско право и што не значи дека се брани со молчење, обвинението ќе се пишува без нејзиниот исказ. Ќе се чека уште само исказот на првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13, кому денеска му се слоши непосредно пред да даде исказ пред Русковска. Тој со Итна помош беше однесен во Клинички центар.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали Јанева веќе понудила спогодба за вина, адвокатката Фрчкоска кажа дека не понудила, но дека тоа право останува на секој осомничен до правосилност на обвинението што ќе биде поднесено против него.
На наше прашање, Фрчкоска појасни дека обвинението може да се напише и место сега, спогодба за признавање на вина може да се побара и да се добие дополнително, но пред обвинението да стане правосилно.
Во тој случај не би имало судење, туку само едно рочиште, на кое судија од Одделот за организиран криминал во Кривичниот суд би ја изрекол казната за која Јанева и Русковска евентуално би се спогодиле.
Јанева беше уапсена на 21 август и истиот ден доби 30 дена притвор како осомничена во случајот „Рекет“, покрај Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец. Таа е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувањат , а на 18 септмври притоворот ѝ беше продолжен за уште 30 дена.
С. К. ДЕЛЕВСКА