НИКОЛА ГРУЕВСКИ ЈА ИМА БАЗИЧНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА И ЈА ДЕЛИ СО СТРАНСКИТЕ СЛУЖБИ, БОМБИТЕ НА СЈО СЕ МИНОРНИ, СВЕДОЧЕШЕ ВЕРУШЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    НИКОЛА ГРУЕВСКИ ЈА ИМА БАЗИЧНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА И ЈА ДЕЛИ СО СТРАНСКИТЕ СЛУЖБИ, БОМБИТЕ НА СЈО СЕ МИНОРНИ, СВЕДОЧЕШЕ ВЕРУШЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Ексразузнавачот Зоран Верушевски рече дека Груевски ги измислил „Пуч“ и странските служби со жолти комбиња за да прикрие дека тој прислушувал со години за да остане на власт. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во тензична атмосфера, што главната судијка Џенета Бегтовиќ и вториот судија Владимир Туфегџиќ ѝ дозволија на обвинителката Ленче Ристоска да постави појаснувачки прашања за сведокот Зоран Верушевски во „Тврдина-Таргет“, почна денешното рочиште во кое тој за незаконското масовно прислушување го обвини избеганиот експремиер Никола Груевски, а обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков воопшто не го спомна дека имал каква било вина за прислушувањето.

    Мијалков на почетокот стана и кажа дека обвинетите немаат прашања за ексразузнавачот, а сега советник во Владата Верушевски. Тој, останатите обвинети и одбраната негодуваа и се противеа што судиите сепак ѝ дадоа можност на Ристоска да му постави дополнителни, појаснувачки прашања на сведокот, затоа што на минатото рочиште обвинителот Артан Ајро веќе кажа дека нема повеќе прашања за него.

    Иако дури и премиерот Зоран Заев најави дека неговиот советник Верушевски денеска ќе даде конкретен одговор зошто тврди дека бомбите што му ги предал на СЈО биле „модифицирани и компромитирани“, тој не даде конкретни одговори на тие прашања дури и кога Туфегџиќ го праша. За начинот на кој ги добивал бомбите како одговорен во СДСМ, за тоа кој ги снимал и креирал тие прислушувани разговори што ги добивал за да ги анализира потоа, каде ги анализирал, одговараше долго без да даде конкретен одговор, што е негово право. Обвинетите вработени во УБК се смееја на ова.

    Не сакаше директно да каже ни дали ги добивал на цеде, по е-пошта или на уесбе, повторуваше само: „Во дигитална форма ги добивав“, и пропушти можност да ја поткрепи на ова судење неговата теорија дека бомбите со кои работи СЈО, сега редовното обвинителство, се модифицирани и компромитирани и конкретно да одговори на кој начин било направено тоа.

    Многу јасно и конкретно Верушевски се изразуваше кога тврдеше дека СЈО пропуштило можност да увиди дека експремиерот Никола Груевски бил мозокот на целата операција на со години незаконското следење на граѓани и политичари и функционери, помогнат од избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски од УБК, а не обвинетите Сашо Мијалков и Тони Јакимовски.

    „Документацијата што ја добивав во СДСМ беше во дигитална форма и во форма во која до денес трае нејзината модификација која доаѓа надвор од државата. Сознанијата ми се врз база на мојата практика и комуникацијата за оваа материја со лица кои се надвор од државата. Кога би дошле Горан Грујевски и Никола Бошковски да сведочат овде, би ја добиле вистината за масовното кршење на човековите права и принципите на демократијата. Овие лица, заедно со избеганиот Никола Груевски комуницираат со служби на други држави, со што во континуитет им наштетуваат на интересите на нашата држава“, рече Верушевски на едно од упорните прашања на Ристоска од каде му се сознанијата дека документацијата, како што ги нарекува тој бомбите, претрпела страотна модификација и компромирација.

    Откако кажа дека СЈО требало да го обвини азилантот во Унгарија Никола Груевски, Верушевски го појасни ова тврдење:

    „Таа документација (прислушуваните материјали, н. з.) е креирана и поттикната да се создаде од тој што имал најголем бенефит од нејзиното создавање. Груевски ја имал таа патолошка желба да се задржи што подолго на власт. Се надевам СЈО, односно сега редовното обвинителство, од доказите ќе види кај е создадена документацијата и со која динамика. Од моето искуство е јасно кога политичарите посегаат по механизмите што им ги дава политиката на располагање. Во случајов, тоа е за да ја води власта и повеќе од 10 години. Сериозен пропуст е што СЈО не го обезбеди тој човек во овој процес. Тука се крие одговорот на сите прашања кои сакате или не сакате да ги поставите“, рече Верушевски.

    Потоа, кажа како Груевски ги измислил „Пуч“ и странските служби со жолти комбиња за да прикрие дека тој прислушувал со години за да остане на власт и направи споредба:

    „Замислете Никсон да го имаше Груевски за советник и да го посоветуваше да каже: ‘Пуч ми направи некој со Вотергејт’. Замислете што ќе останеше од демократијата на САД“.

    Верушевски рече дека базичната документација со прислушувани разговори е огромна, оти ова што го имале СДСМ, што потоа му го предале на СЈО, било минорно.

    За наредното судско рочиште на 24 октомври, обвинителката Ленче Ристоска го повика да сведочи премиерот Зоран Заев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира