ПОПИС ПО ИЗБОРИТЕ, ЗАЕВ ПРИФАЌА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, МИЦКОСКИ НА НЕКОИ НАРЕДНИ ИЗБОРИ

    ПОПИС ПО ИЗБОРИТЕ, ЗАЕВ ПРИФАЌА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, МИЦКОСКИ НА НЕКОИ НАРЕДНИ ИЗБОРИЛидерите на политичките партии по завршувањето на лидерската средба оценија дека многу е тешко пописот да се одржи пролетва бидејќи се поклопува со датумот на избори и за нив најреално е тој да се одржи откако ќе заврши изборниот процес.(Фото: К.Попов)

    Предвремените парламентрани избори кои на вчерашната лидерска средба беше договорено дека ќе се одржат на 12 април, ќе се одржат без направен попис на населението. Мали се шансите на изборите да се оди и со нов изборен модел односно една изборна единица или отворени пратенички листи.

    Лидерите на политичките партии по завршувањето на лидерската средба оценија дека многу е тешко пописот да се одржи до пролет  бидејќи се поклопува со датумот на избори и за нив најреално е тој да се одржи откако ќе заврши изборниот процес.

    „Мојот став е дека во 2020 година пописот треба да биде направен. Може да го направиме после изборите, а ако е подготвен Државниот завод за статистика и пред изборите“, рече премиерот Зоран Заев.

    Лидерите на политичите партии од албанскиот блок во изјавите беа на ставот дека пописот треба да биде по завршување на изборите, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека тој треба да се направи во 2021 година.

    „Ние како партија бараме пописот да биде статистичка операција, а не политички договор и малку е неправилно тој да се направи на крајот на декадата. Не гледам логично објаснување наредната година да имаме попис. Мислам дека тоа треба да се направи на почетокот на наредната декада односно во 2021, како што тоа го прават сите европсски земји“, рече Мицкоски.

    За нов изборен модел, односно, наместо шест да има една изборна единица, како што бараат помалите политички партии, за Заев е прифатливо и има време да се договори до 12 април, додека Мицкоски не е оптимист дека нешто може по тоа прашање да се случи за овие избори, туку за некои следни.

    Предвремените парламентрани избори со договорот на политичките партии на лидерската средба во претседателската вила Водно ќе се одржат на 12 април. Премиерот Заев на лидерската средба понудил изборите да бидат на 22 или 29 декември односно што побрзо, но опозицијата не прифатила бидејќи барала техничка влада 100 дена пред избори.

    Со тоа Заев ќе даде оставка од премиерската функција на 3 јануари, кога ќе биде формирана техничката влада. Нов технички премиер ќе предложи СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат министри за внатрешни работи и труд и социјална политика. Опозцијата според пржинскиот договор ќе добие и заменик-министер за финансии, земјоделие и информатичко општество и администрација.

    Предвремените избори следуваат откако на европскиот самит во Брисел на 17 и 18 октомври, Македонија не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ поради ветото од Франција.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира