Европскиот суд за човекови права и слободи може да не избере судија од Македонија до јануари 2017 година, кога истекува мандатот на актуелната судијка Мирјана Лазарова – Трајковска, ако барем еден од кандидатите: шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција Јован Илиевски , директорката на Академијата за судии Анета Арнаудовска и судијката во Управниот суд Едита Наскова, чии што избор е стопиран од страна на Советот на Европа, не ги исполнува критериумите за ова место. На неодамнешното Парламентарно собрание на Советот на Европа, кандидатурите на Илиевски, Арнаудова и Наскова беа вратени на доработка.
Но, МНР, кое ги селектираше кандидатите за Стразбур и го тера конкурсот за судија од Република Македонија кој треба да ја наследи Лазарова-Трајковска, не ги објаснува причините зошто тројцата кандидати не поминаа во Советот на Европа од прва, дали сите се спорни, или само некоја од кандидатурите. Додека сите тројца не ги исполнат критериумите, изборот од Македонија нема да може да биде спроведен.
До изборот на нов судија од РМ, Мирјана Лазарова-Трајковска ќе остане на функцијата. Таа е избрана за судија во Меѓународниот суд за човекови права во јануари 2008 година.
Мандатот на еден судија во Европскиот суд за човекови права и слободи изнесува девет години, без право на реизбор.
Лани Србија имаше проблем со изборот на судија во Стразбур, откако беше одбиена кандидатурата на еден од тројцата кандидати што ги предложи српското МНР. Нашето Министерство, освен што негира дека се одбиени тројцата кандидати, не ги кажува причините поради кои кандидатите не го поминаа филтерот од првпат.
Процедурата за избор е во тек, согласно претходно дефинирана методологија, велат од МНР. Сите кандидати беа оценети индивидуално и анонимно од членовите на Комисијата, по што се направи ранг листа според просечната оценка на секој кандидат. Во моментов, вели МНР, во тек е процедура на консултации со советодавниот панел на ЕСЧП. Нивните стручни мислења и препораки се земаат предвид. Конечниот резултат од консултациите ќе биде споделен, во предвидениот рок, а не претходно.
Комисијата која оценуваше кој ќе влезе во трката за нов судија, ја сочинуваат: министерот за надворешни работи Никола Попоски, уставната судијка Вангелина Маркудова, претседателот на Судски совет Зоран Караџовски, државниот секретар во Министерство за правда Илија Ристовски и Илбер Села, професор на Универзитетот за Југоисточна Европа од Тетово.