Европскиот парламент утре ќе гласа за Резолуција за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, документ со девет точки во кои се изразува разочарување за недонесената одлука, која оди на штета на кредибилитетот на Европската Унија. Премиерот Зоран Заев денеска рече дека не знае што пишува во Резолуцијата, но смета дека тоа што се подготвува е од голема помош.
„Не сум видел што ќе има во Европскиот парламент, но најавата за она што се подготвува е секако од помош и лек за горчината во нашите души од она што беше нефер и историска грешка на ЕУ кон нашата земја“, рече Заев по почетокот на градежните работи за изградба на фабриката на германската фирма „Герсхајмер“ во слободната економска зона.
„Верувам дека сите вакви постапки ќе ја вратат мотивацијата на граѓаните да продолжат по вистинскиот пат, а тоа се евроатлантските интеграции. Евроатлантските интеграции не одбрани без причина, тоа носи раст и развој, нови работни места, повисок стандард и услови нашите млади да останат тука”, рече Заев.
Тој верува дека и самата дискусија во Европскиот парламент позитивно ќе влијае на земјите-членки .
„Но, ако продолжиме да работиме, фокусирано, посветено да го блеснеме нашето сонце да биде дополнително силно, може да бидеме само дополнителна мотивација за таа дискусија што е во Европскиот парламент, Европскиот совет, Европската комисија, во сите земји членки, оти дискусијата преку медиумите се води и во Франција. Реално очекувам дека многу брзо среќата и надежта ќе се врати кај нашите граѓани“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА