ЗА ЦЕЛА ГОДИНА ПОЛИЦИЈАТА ПИШАЛА САМО 114 КАЗНИ ЗА ДОТУР НА СТОКА, А НИКОЈ НЕ ЈА ПОЧИТУВА ЗАБРАНАТА ВО СКОПЈЕ

    ЗА ЦЕЛА ГОДИНА ПОЛИЦИЈАТА ПИШАЛА САМО 114 КАЗНИ ЗА ДОТУР НА СТОКА, А НИКОЈ НЕ ЈА ПОЧИТУВА ЗАБРАНАТА ВО СКОПЈЕНиз центарот на градот секојдневно комбиња и камиони се паркираат кај ќе стигнат и растовараат стока.(Фото: СДК.МК)

    За една година откако Град Скопје ја воведе забраната за дотур на стока во центарот на градот, Министерството за внатрешни работи пишало 114 казни. Забраната за дотур на стока од 7.30 до 18 часот беше донесена на 19 декември лани, што значи дека месечно биле казнувани по 10 дистрибутери кои не ја почитувале одлуката.

    Контролите низ центарот на градот се вршеа само во првиот месец откако беше донесена одлуката и кога високото загадување беше проблем за кој се зборуваше во јавноста. Од Град Скопје на 12 јануари изјавија дека за една недела откако стартувала забраната биле пишани 36 казни.

    Кратко време откако забраната беше донесена, не терен никој не ја почитува, а ниту пак МВР казнува. Низ центарот на градот секојдневно комбиња и камиони се паркираат кај ќе стигнат и растовараат стока. Се паркираат во улици каде што има училишта блокирајќи тротоари, па децата и граѓаните немаат каде да се движат. На 20 август лани во Дебар Маало, во близина на Министерството за култура беше прегазена жена од камион за дотур на стока. Тогаш граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ организираше протест на кој побара од тогашните градоначалници на Центар и Скопје, Андреј Жерновски и Коце Трајановски да го ограничат дотурот на роба, бидејќи улиците се небезбедни.

    На 20 август лани во Дебар Маало, во близина на Министерството за култура беше прегазена жена од камион за дотур на стока. (Фото: СДК.МК)

    Но, надлежните одлуката за забрана на дотур ја актуализираат само во месеците со високо загадување, иако таа со нова одлука на Град Скопје од март важи цела година.

    Минатата недела од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов со соопштение апелираа до дистрибутерите да ја почитуваат одлуката, наведувајќи дека таа е една од мерките против загадувањето. Вчера и градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на својот Фејсбук профил објави дека заедно со МВР санкционирале неколку дистрибутери кои не ја почитувале забраната за дотур на стока.

    Од Град Скопје велат дека тие ја донеле одлуката, но немаат ингеренции да казнуваат, туку МВР.

    „Градот Скопје не е надлежен за контрола на овој вид на сообраќај и за тоа е надлежна сообраќајната полиција во МВР. Сепак, Градот Скопје во насока да помогне во зголемувањето на контролата на овој дел од сообраќајот, предложи измени во Законот за јавни патишта со што градскиот инспекторат би имал ингеренции да го контролора дотурот на роба“, велат од кабинетот на Шилегов.

    Од МВР кратко изјавија дека од 19 декември кога е донесена одлуката до 3 декември по овој основ се казнети 114 дистрибутери.

    Казните за непочитување на забраната се 45 или 150 евра. Ако комбињата истовараат стока на улица казната е 45 евра, а ако се паркирани на тротоар 150 евра.

    Забраната за дотур на стока беше донесена по предлог на градоначалникот Петре Шилегов на 19 декември лани, како една од мерките против загадувањето и требаше да важи од декември до март. Со нова одлука во март годинава се забрани дотурот во текот на цела година од 7.30 до 18 часот.

    Забраната важи за центарот на градот односно за потегот од Рузвелтова до железничката станица, од Илинденска до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ односно од булеварот Теодосиј Гологанов до Јужен булевар. Возилата за дотур на стока можат да се движат низ центарот да градот, а стока да носат во дуќаните само ако се паркираат на паркинзи., но не смеат да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и тротоари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира