45 И 150 ЕВРА КАЗНА ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАБРАНАТА ЗА ДОТУР НА СТОКА

    45 И 150 ЕВРА КАЗНА ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАБРАНАТА ЗА ДОТУР НА СТОКАНа 17 август годинава беше прегазена жена на улицата Антоние Грубишиќ, во близина на Министерството за култура во Дебар Маало. Жената беше прегазена од комбе за дотур на стока. (Фото: СДК.МК)

    Забраната за дотур на стока од 7.30 до 18 часот ќе важи за целиот центар на градот. Според одлуката на Град Скопје која беше донесена на вчерашната седница, возилата нема да смеат да доставуваат роба по дуќаните на потегот од Рузвелтова до железничката станица, од Илинденска до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ односно од булеварот Теодосиј Гологанов до Јужен булевар.

    Дистрибутерите кои нема да ја почитуваат забраната за дотур на стока која ја воведе Град Скопје, ќе бидат казнети до 45 евра или 150 евра. Ако комбињата истовараат роба на улица ќе бидат казнети со 45 евра а ако се паркирани на тротоар со 150 евра.

    „Ќе мора сите да се менуваме и да смениме навики ако сакаме успех во борбата. Одлука ќе стапи во сила пред Нова година, сите фирми и дистрибутивни компании навремено ќе бидат известени. По стартот контролата која се однесува на новиот режим на сообраќајот ќе ја врши Министерството за внатрешни работи“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Град Скопје вчера донесе одлука за забрана на дотур на роба од први декември до 31 март во центарот на градот од 7.30 до 18 часот. Одлуката се носи согласно препораките на Владата за воведување итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот.

    Од Градот велат дека засега мерката ќе важи само до крајот на март, како од дел од проектите за загадувањето, но во меѓувреме ќе се направат анализи да се воведе забрана за дотур на роба во текот на денот, преку цела година.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира