150.000 ТОНИ ЃУБРЕ ЛАНИ Е СОБРАНО ВО СКОПЈЕ И ОДНЕСЕНО ВО „ДРИСЛА“

    150.000 ТОНИ ЃУБРЕ ЛАНИ Е СОБРАНО ВО СКОПЈЕ И ОДНЕСЕНО ВО „ДРИСЛА“Количеството на собран и транспортиран отпад во 2019 година во однос на 2018 година е зголемено за 1.118 тони, односно 0,73 отсто.(Фото: Комунална хигиена)

    ЈП „Комунална хигиена“ лани во Скопје подигнала 153.763 тони комунален отпад. Отпадот е подигнат од домаќинствата и стопанските субјекти во урбаниот и во руралниот дел на градот и одложен на депонијата „Дрисла“. Количеството на собран и транспортиран отпад во 2019 година во однос на 2018 година е зголемено за 1.118 тони, односно 0,73 отсто.

    Според извештајот на ЈП „Комунална хигиена“ лани во Скопје расчистени се 8.721 метри кубни отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање од страна на граѓани и правни субјекти. За споредба, во текот на 2018 година биле расчистени 5.144 метри кубни отпад од диви депонии, додека во 2017 година биле собрани само 835 метри кубни отпад.

    Во 2019 година, Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ издала 550 записници за граѓани и правни лица што неправилно одложиле приближно околу 1.547 метри кубни отпад, притоа прекршувајќи го Законот за јавна чистота. По врачувањето на записниците, сторителите го отстраниле неправилно одложениот отпад.

    „Апелираме до граѓаните совесно да го одложуваат ѓубрето од домаќинствата, како и кабастиот отпад. Претпријатието им овозможува на граѓаните без плаќање на паричен надоместок самите да го депонираат овој вид на отпад во нашите Центри за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште“, велат од „Комунална хигиена“.

    Претпријатието оваа година за поефикасно работење ќе набави 45 камиони за собирање на ѓубре, метлачки и цистерни за миење на улиците. Со тоа велат од претпријатието ќе се овозможи поголема хигиена во градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира