28-ГОДИШНИОТ ОХРИЃАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА ОД КОВИД-19 ДОШОЛ ОД СЛОВЕНИЈА ДА ЈА ПОСЕТИ ТЕШКО БОЛНАТА МАЈКА

    28-ГОДИШНИОТ ОХРИЃАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА ОД КОВИД-19 ДОШОЛ ОД СЛОВЕНИЈА ДА ЈА ПОСЕТИ ТЕШКО БОЛНАТА МАЈКАЛазар Секулоски е меѓу 35-мината кои починаа од ковид-19 во изминатите 24 часа. (Фото: Приватна архива)

    Лазар Секулоски, 28-годишниот охриѓанец кој ја загуби битката со коронавирусот, дошол од Словенија да ја посети својата мајка која со тешка болест, карцином на бели дробови, била хоспитализирана во Општата болница во Охрид. Момчето работело во Словенија, а при престојот во Охрид се заразило со ковид-19. Секулоски е меѓу 35-мината кои починаа од ковид-19 во изминатите 24 часа.

    Најпрво Секулоски бил примен во Охридската болница, но поради влошената состојба веднаш бил префрлен во Скопје. Бил дијабетичар и имал проблеми со тироидната жлезда. Лекарите од скопскиот Kлинички центар не успеале да се изборат за неговиот живот, каде последните две седмици бил на распираторна поддршка.

    На Инфективното одделение во Охрид сликата од ден на ден е сè подраматична. Мометално има 109 хоспитализирани пациенти, меѓу нив голем број млади од 30 до 40-годишна возраст. И Нервното одделение во болницата е пренаменето за лекување на ковид позитивни пациенти.

    Директорот д-р Горан Балески вели дека има сè помалку болнички кревети. Апелира граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат мерките за заштита, посебно младите да не се групираат и да носат маски.

    „Бројките во Охрид се навистина големи. Ситуацијата е сериозна, мора да бидеме совесни и да ги почитуваме мерките за да не губиме животи. Вирусот е опасен и непредвидлив“, вели д-р Балески.

    Последниот млад пациент од Охрид кој беше во критична состојба е 28- годишната родилка, која успеа да се избори со вирусот и пред два дена се врати од Скопје.

    Денеска се регистрирани нови 734 болни од ковид-19 од 3.246 тестирања, а вкупно активни се 21.630 болни.

    Според Министерството за здравство, на болничко лекување во земјава се 1.739 пациенти со компликации од ковид-19, а слободни се околу 230 кревети. Завчера во земјава починаа 50, а вчера 45 лица.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира