280 ВРАБОТЕНИ ВО ПРИЛЕПСКИ „ЕУРОКОМПОЗИТ“ САМО СО ШТРАЈК ДОБИВААТ ПЛАТА

    280 ВРАБОТЕНИ ВО ПРИЛЕПСКИ „ЕУРОКОМПОЗИТ“ САМО СО ШТРАЈК ДОБИВААТ ПЛАТАРаботниците од „Еурокомпозит“ апелираат до министерствата за одбрана и за внатрешни работи и до Владата да го решат трајно проблемот со статусот на овој последен прилепски загубар (Фото: СДК.МК)

    Околу 280 вработени во прилепски „Еурокомпозит“ од почеток на неделава стапија во генерален штрајк, за што поскоро да дојдат до заработените, а неисплатени плати од декември минатата година, не сметајќи ги бројните други заостанати плати. Тие апелираат и до Министерството за одбрана, до Министерството за внатрешни работи и до Владата да го решат трајно проблемот со недостиг од работа и статусот на овој последен прилепски загубар.

    Менаџерите им соопштиле дека до крајот на овој месец има можност само за исплата на една плата, а не како што бараат, вкупно три заостанати плати. Од друга страна, ниту во МВР, ниту во МО, ни во Министерството за економија не се именувани замениците министри, т.е. не е доекипирана новата влада, која што според барањата на вработените треба итно да бара решение за нивните децениски маки.

    Но, вработените стојат цврсто на ставот дека нема да го прекинат генералниот штрајк, зашто се крајно незадоволни и од досегашните раководства.

    „Владата секогаш именува свои кадри за менаџерски тим, се сменија од различна провиниенција, затоа што оваа е целосно државна фирма, па секоја влада именува свои директори. Но, ниту едно од досегашните раководства не се зафати со сериозно решавање на проблемите. Со природен одлив на кадри, се намалува бројот на вработените. Имаме барање со програма за социјално згрижување да се решат делумно проблемите, онака како што за мал број вработени се даде шанса со социјален пакет пред 3 години, да заминат од фирмата како технолошки вишок“, велат вработените.

    Тие подеднакво не се задоволни и од досегашните синдикални лидери, па неодамна избрале ново синдикално раководство.

    „Синдикатот последниве 10 години беше близок до менаџерите и што очекуваш од таков синдикат којшто не ги штити работничките права. А, ние едвај последниве 2 години доаѓаме до сини картони, зашто преку регистрирана друга фирма, каде се водиме како работно ангажирани 2 часа дневно, добиваме здравствено осигурување со партиципација. Ако не го платат и тоа до крајот на месецов, ке останеме и без здравствена заштита“, реагираат загрижени работниците.

    А, речиси сите се на возраст од над 50 години. Слободан Крстески има стаж од 36 години. Како што вели, во фирмата се доаѓа до плата само со штрајк.

    „Па, до кога вака? Колку пати годишно треба да прекинеме со работа, за да ни биде исплатена плата? Конечно, новата Влада треба да најде решение за овој загубар, и да ни се скусат маките“, смета Крстески.

    Синдикалниот лидер Влатко Чурлиноски вели дека штрајкот нема да прекине сѐ додека не се исполнат барањата на вработените.

    „На потег се менаџерите, Владата, министерствата, за ‘Еурокомпозит’ мора да се најде решение“, категоричен е Чурлиноски.

    „Еурокомпозит“ е дел од 10-ината фирми ќерки на некогашниот гигант „Еуроинвест 11 Октомври“, во којшто беа вработени околу 1.600 работници. По распадот на претпријатието секој од посебните правни субјекти во периодот на транзиција. „Еурофуд“, Еуроламинати“, Еуротрејд“, „Еуропрофил“, Хотел Липа и др. заминаа во стечај. Единствено „Еурокомпозит“ остана низ годините да се бори за свој опстанок. Од некогашните 550 сега остана околу 280 вработени, но нивните плати се минимални, нешто над 10.000 денари е просечна плата по работник. Поради континуираниот проблем со недостиг од работа, се случува вработените со месеци да бидат пуштени дома со 70 % плата, во очекување на некој подобар договор. Кога пак ќе се успее да склучат одреден договор за работа, тие работата и по две смени, но платите им доцнат.

    Со години овие луѓе ја живеат оваа работничка сага и агонија. Голем дел сами ја напуштија фирмата, се одлучија за тутунопроизводство, во надеж да обезбедат континуитет во плаќање на комуналните сметки и да си обезбедат каква -таква основна егзистенција. Најтрагични се приказните на вработените, кои со сериозни здравствени проблеми, чекаа со месеци да им ги платат придонесите за да може да им се постави точна дијагноза, а за хоспитализација се носеа посебни одлуки за да може да се плати болничкото лекување. Но, сепак овие права не ги уживаа сите.

    Поради тоа, вработените овој пат бараат конечно решавање на статусот на фирмата и нивната работна судбина.

    М. ТАЛЕСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира