40 ОТСТО ОД ТРАСАТА ВО КЕРАМИДНИЦА ЗА ПРОБИВАЊЕ НА БУЛЕВАРОТ АСНОМ Е РЕШЕНА, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПОЧНЕ ДА ГО ГРАДИ МОСТОТ ПРЕКУ ВАРДАР ПРОЛЕТВА

    40 ОТСТО ОД ТРАСАТА ВО КЕРАМИДНИЦА ЗА ПРОБИВАЊЕ НА БУЛЕВАРОТ АСНОМ Е РЕШЕНА, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПОЧНЕ ДА ГО ГРАДИ МОСТОТ ПРЕКУ ВАРДАР ПРОЛЕТВАГрадежните работи од првата фаза односно проширување на булеварот АСНОМ на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со улицата Васко Карангелевски, се при крај. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје пролетва ќе почне со изградба на мостот преку Вардар со кој населбата Аеродром преку Керамидница ќе се поврзе со општина Гази Баба. Проектот за мостот е готов, а веќе е распишан тендерот за избор на фирма која ќе го гради. Според проектот, мостот ќе има четири сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека, а изградбата според проценките на Градот ќе чини околу 5 милиони евра.

    „Очекувам кон крајот на февруари да имаме избрано фирма изведувач, со што во март би почнале со градежните работи за изведба на овој капитален проект. Веќе работиме и на третата фаза од сообраќајницата односно експропријација на имотите кои се наоѓаат на трасата. Досега 40 отсто од трасата која што треба да биде пробиена е правно завршена“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    За изградба на мостот треба да се урнат околу 100 објекти во населбата Керамидница, што би чинело околу 8 милиони евра. При презентација на проектот во март 2018 година, градоначалникот Шилегов рече дека постоело и алтернативно решение за изградба на мостот по друг коридор, со кое би се урнале само 20 објекти и би се заштедиле 5 милиони евра, но советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Гази Баба, не дале согласност.

    Градежните работи од првата фаза односно проширување на булеварот АСНОМ на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со улицата Васко Карангелевски, се при крај. Целосно е асфалтирана десната страна од проширениот булевар, а набрзо ќе почне да се асфалтира левата страна. Должината на трасата во првата фаза изнесува 845 метри, булеварот ќе има три коловозни ленти во двете насоки, средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира