5 МИЛИОНИ ЕВРА ИМ ДАВА ЕУ НА МАКЕДОНСКИТЕ ОПШТИНИ ЗА ИНОВАТИВНИ ПРОЕКТИ

    5 МИЛИОНИ ЕВРА ИМ ДАВА ЕУ НА МАКЕДОНСКИТЕ ОПШТИНИ ЗА ИНОВАТИВНИ ПРОЕКТИПовикот ќе биде отворен до 30 декември, а условот е проектите да понудат нов начин на решавање на проблемите во општините.(Фото: К.Попов)

    Од денеска отворен е повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините”, со кој 5 милиони евра од Европската унија ќе се доделат на општините за спроведување на проекти за подобрување на локални услуги. Повикот ќе биде отворен до 30 декември, а условот е проектите да понудат нов начин на решавање на проблемите во општините.

    „Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата обезбедува 600.000 евра за кофинансирање на одобрените проекти. На овој начин им олеснуваме на општините да аплицираат и ги правиме подостапни за користење фондовите на Европската Унија. Условот е проектите да понудат нов начин на решавање на проблемите во општините. Со иновативни решенија да ги подобрат постојните или пак да креираат нови локални услуги“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски, на информативната онлајн сесија за почеток на проектот, на која учествуваше и амбасадор на ЕУ во земјава Дејвид Гир.

    Главните приоритетни сектори на претстојниот јавен повик се: иновативни општински услуги и иновативни решенија за унапредување на постојните услуги, социјална грижа и општински социјални услуги, подобрување на локалните капацитети и подготвеност за управување со кризи, економско опоравување од кризата предизвикана од пандемијата, можности за работни места и вештини на локално ниво во областа на економијата на знаење, „Green deal” приоритети, како што се ублажување и приспособување на климатските промени, одржливо користење на природните ресурси.

    Европската Унија обезбеди и дополнителни 1 милион евра за техничка подготовка на општините за аплицирање.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира