АД ЗА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР ЈА ПРОДАВА БАРОКНАТА ЗГРАДА ОД 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ВРАБОТЕНИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ВО БАРАКИТЕ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ

    АД ЗА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР ЈА ПРОДАВА БАРОКНАТА ЗГРАДА ОД 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ВРАБОТЕНИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ВО БАРАКИТЕ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТОд АДСДП велат дека за дел од деловниот простор во зградата интерес пројавиле Финансиската полиција, Антикорупциска комисија и Службен весник. Доколку овие продажби не се реализираат, ќе следи комерцијална продажба на зградата. (Фото: СДК.МК)

    Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор (АДСДП) поранешно ПУИГ нема да се сели во барокната зграда од 8,5 милиони евра кај Министерството за надворешни работи. Раководството на претпријатието одлучило дека е поисплатливо зградата да се продаде, а вработените ќе продолжат да работат во бараките на улицата Орце Николов изградени по скопскиот земјотрес.

    „Заради поголема економска исплатливост, Одборот на директори на АДСДП на состанок одржан на 19 март 2019 донесе одлука со која административниот деловен простор се пренаменува во комерцијален деловен простор наменет за продажба и издавање под закуп. Поради изборниот период и коронакризата просторот сè уште не е продаден“, велат од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор.

    Од АДСДП велат дека за дел од деловниот простор во зградата интерес пројавиле Финансиската полиција, Антикорупциска комисија и Службен весник. Доколку овие продажби не се реализираат, ќе следи комерцијална продажба на зградата.

    „Деловниот простор во приземниот дел останува во наша сопственост и тој ќе се издава. Огласот за издавање на деловен простор под закуп во предметниот објект беше објавен на 2 септември. Постапката за електронско јавно наддавање е во тек. Закупците ќе бидат познати по нејзиното завршување“, велат од АДСДП.

    Дали вработените ќе останат во старите бараки од акционерското друштво велат дека во моментов се разгледуваат неколку опции  за селење, но најсоодветното решение ќе зависи од низа фактори, меѓу кои економските ќе бидат основни.

    Барокната зграда во центарот на Скопје почна да се гради во септември 2015 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира