АКО Е ТОЛКУ АТРАКТИВНО МЕСТОТО НА ГРАДСКАТА КУЌА, ШТО НЕ ГО ПОУЧИЈА МИЈАЛКОВ ТАМУ ДА ГО ГРАДИ „МЕРИОТ“, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    АКО Е ТОЛКУ АТРАКТИВНО МЕСТОТО НА ГРАДСКАТА КУЌА, ШТО НЕ ГО ПОУЧИЈА МИЈАЛКОВ ТАМУ ДА ГО ГРАДИ „МЕРИОТ“, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ„Градот нема што да сокрие во овој процес, може само да добие и притоа буџетот на Град Скопје нема да биде оштетен ниту за еден денар“, вели Шилегов. (Фото: Град Скопје)

    Градоначалникот Петре Шилегов смета дека местото на Градската куќа е во центарот на градот, како што е случај во сите главни градови. Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање која ќе биде новата локација на Градската куќа откако барокната ќе се продаде, рече дека тоа не може да се знае додека не заврши постапката.

    „Ми се допаѓа идејата дека Градската куќа треба да биде во централното градско подрачје оти така е секаде. Ако беше толку атрактивна локацијата каде што е Градската куќа, зошто не го подучија Сашо Мијалков таму да гради хотел, а на местото на ‘Мериот’ да биде објектот на Град Скопје“, рече Шилегов.

    На обвинувањата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, дека тој веќе договорил Градот да се пресели во зградата на ЕВН и ЕСМ, Шилегов рече дека не знае кој ќе се пријави на јавното наддавање и дали ќе се продаде објектот.

    „Градот нема што да сокрие во овој процес, може само да добие и притоа буџетот на Град Скопје нема да биде оштетен ниту за еден денар. Денеска до сите советнички групи испратив писмено барања да предложат свој претставник кој ќе биде вклучен во целиот процес на продажба. Нека не се кријат зад прес-конференции, кога сакаат и каде сакаат, им стојам на располагање да дебатираме на таа тема“, додаде Шилегов.

    На седницата на Советот на Град Скопје на 26 септември беше донесена одлука барокната Градска куќа да се продава на јавна аукција за почетна цена од 12,7 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира