„Доколку македонските политички партии не најдат начин да работат заедно, можеме да се запрашаме какво би било местото на Македонија во Европа”, изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние запрашан како ги коментира најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека не им се допаѓа идејата за дијалог во вилата на Жан Моне во Париз и дека треба дијалогот да се води во домашните институции.
„Треба пред сè сите да бидат согласни за да дојдат во вилата во Париз, тоа е предуслов. Меѓутоа, ако договорот меѓу партиите не може да се направи во Македонија, постои можноста тие да се соберат во Париз. За нас тоа е пред сè е работа на македонските партии. Ние ќе бидеме само добронамерни домаќини. Во секој случај, треба партиите на сосема конкретен начин да најдат можност да работат заедно за да го изодат тој пат до ЕУ. Доколку македонските партии не најдат начин да работат заедно, можеме да се запрашаме какво би било местото на Македонија во Европа. Тој одговор им го препуштам на македонската страна”, рече Тимоние.
Амбасадорот учествува на Конференција за Првата светска војна и Македонскиот фронт во Битола, па посочи дека кога ќе се видат колку страшни биле тие борби, може доста да се релативизираат денешните кавги што се случуваат.
„Тука може да се запрашате колку некакви мали кавги меѓу партиите може да блокираат еден пат по кој тие партии би сакале да тргнат. Би цитирал една мисла на наш писател од 17 век која вели ‘јас сум помалку изненаден од ароганцијата отколку од трпеливоста на самите народи'”, рече Тимоние.
Ж. ЗДРАВКОВСКА