АКО СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО Е ЉУБОВ, ТОГАШ ВЛАДАТА ГО САКА ВОДНО, КАЖАА ОД „ГО САКАМ ВОДНО“ КОИ НЕ ОТСТАПУВААТ ОД ПРОМЕНА НА ТРАСАТА ЗА ГАСОВОДОТ

    АКО СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО Е ЉУБОВ, ТОГАШ ВЛАДАТА ГО САКА ВОДНО, КАЖАА ОД „ГО САКАМ ВОДНО“ КОИ НЕ ОТСТАПУВААТ ОД ПРОМЕНА НА ТРАСАТА ЗА ГАСОВОДОТЗа активистите од „Го сакам Водно“ вчерашната изјава на Владата е неприфатлива и тврдат дека и понатаму ќе се борат гасоводот да не минува низ јужната страна на Водно, туку низ северната, зошто ќе се уништи голема површина зеленило; - Од протестите минатата недела на Водно (Фото: Го сакам Водно)

    Ако семејното насилство се смета за љубов, тогаш Владата навистина го сака Водно. Силно да за гасоводот, но не низ Водно, рекоа денеска на прес-конференција пред владината зграда од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

    Активистите излегоа на прес-конференција откако вчера Владата и градоначалникот Петре Шилегов рекоа дека гасоводот ќе минува низ Водно зашто тоа е најсоодветно решение за да може Тетово и Гостивар да добијат гасификација, а Водно повторно ќе се пошуми. За активистите ваквото објаснување од Владата е неприфатливо и тврдат дека и понатаму ќе се борат гасоводот да не минува низ јужната страна на Водно, туку низ северната, зошто ќе се уништи голема површина зеленило.

    „Благодариме до Влададата што нѐ поучи за сите бенефиции од гасификацијата. Не е точно дека трасата е скратена за 4 километри, туку е изменета за 4,3 километри и на тој дел ќе се исече зеленило со површина колку цел булевар Партизански одреди. Не е точно дека ќе се врати зеленилото со тоа што ќе засаделе нови дрвја и нема да се приметува. Па на местото каде што минуваат цевките за гасоводот не смее да се помушува, тој предел мора да е гол за да има пристап на возила и да не се уништиваат цевките од корењата на дрвјата“, рече Андреа Јанков од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

    Од граѓанската иницијатива велат дека Владата ги доведува во заблуда граѓаните дека од оваа есен жителите на Тетово и Гостивар ќе ги почуствуваат придобивките од гасоводот, кога нема секундарна и терцијална мрежа, за што е потребно најмаку 5 години да се изгради.

    „Дотогаш може да се најде нова траса, односно да се направат анализи за градба на гасоводот по северната страна на Водно. Не се откажуваме. Почнавме со информирање на меѓународни институции и постојано ќе бидеме на терен да не дозволиме градење на Водно“, рече Татјана Стојановска.

    На прес-конференција во Владата вчера министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, градоначалникот Петре Шилегов и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи рекоа гасоводот низ Водно ќе се гради, но околу 700 илјади евра ќе бидат вложени во повторното пошумување на Водно откако ќе заврши изградбата, ветувајќи дека просторот ќе се врати во првичната состојба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира