АКО ВЛАДАТА НЕ ИМ ПОМОГНЕ, ХОТЕЛИТЕ ОД ОХРИДСКО-СТРУШКИОТ РЕГИОН ЗИМАВА ЌЕ ЗАТВОРАТ И БЕЗ РАБОТА ЌЕ ОСТАНАТ 1.500 РАБОТНИЦИ

    АКО ВЛАДАТА НЕ ИМ ПОМОГНЕ, ХОТЕЛИТЕ ОД ОХРИДСКО-СТРУШКИОТ РЕГИОН ЗИМАВА ЌЕ ЗАТВОРАТ И БЕЗ РАБОТА ЌЕ ОСТАНАТ 1.500 РАБОТНИЦИБез конкретна финансиска помош за плати или субвенционирана струја, околу 1.500 вработени на брегот на Охридското Езеро може да останат без работа, велат од ХОТАМ. (Фото: СДК.МК)

    Над 60 проценти од хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера ќе стават клуч на врата од следниот месец поради високите сметки за струја. Најзагрозени се големите хотели оти тие добиваат највисоки сметки и имаат најголем број вработени. Стравувањата се дека поголемиот број работници ќе бидат пуштени на 70 отсто од плата, дел ќе користат годишни одмори, а оние што се ангажирани на одредено време ќе ги изгубат работните места.

    „Големите објекти кои се над 50 вработени или прават над 2 милиона евра обрт годишно, што се на отворениот пазар, имаат цена за електрична енергија превисока за нашите услуги што ги даваме за да бидеме конкурентни и тоа е единствената причина што ги тера менаџерскте тимови да носат одлуки за затворање на објектите. Ова би траело сè до март или април, кога веќе ќе биде поисплатливо, кога нема да има толку висока потрошувачка за греење“, вели Крсте Блажески, претседател на Хотелската асоцијација ( ХОТАМ).

    Блажески потенцира дека големите хотелски капацитети плаќаат поголеми даноци и се најголемите работодавци во туристичката индустрија, но државата досега не ги предвидела за помош за излез од енергетската криза.

    „Викаат дека даваат помош за сите, а всушност тоа е само за малите и средните претрпијатија, а најголемиот број на вработените се во големите капацитети. Значи, ние проблемот не го решивме. Без конкретна финансиска помош, поддршка за плати или субвенционирана електрична енергија, околу 1.500 луѓе вработени на брегот на Охридското Езеро може да останат без работа“, вели Блажески.

    Хотелиерите сметаат дека ако не бидат помогнати од државата нема да можат да бидат конкурентни на пазарот во регионот.

    „Ако еден хотел во Србија плаќа 12 денари киловатчас струја, а истиот таков хотел во Македонија треба да плати 35 денари разликата е огромна и не сме конкурентни, не можеме да ги привлечеме тие гости што ги очекуваме. Ние на овие цени треба да даваме по 350-400 евра, на пример за дочек на Нова година за тридневен аранжман, а во некои држави од нашето соседство даваат многу поевтини цени и со самото тоа ние не можеме да бидеме конкурентни и да направиме едно добро исполнување како минатите години“, додава Блажески.

    Од ХОТАМ велат дека ќе поднесат и официјално барање за помош од државата за справување со енергетската криза во најтешката за нив зима која претстои.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира