АКО ЗА 7 ДЕНА НЕ ДОБИЕМЕ ОДГОВОР ОД ВЛАДАТА ЗА ФИНАНСИСКА ПОМОШ, ЌЕ СЛЕДАТ СЕРИОЗНИ ЧЕКОРИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА

    АКО ЗА 7 ДЕНА НЕ ДОБИЕМЕ ОДГОВОР ОД ВЛАДАТА ЗА ФИНАНСИСКА ПОМОШ, ЌЕ СЛЕДАТ СЕРИОЗНИ ЧЕКОРИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКАОпштините веќе неколку месеци бараат финансиска помош од Владата, бидејќи им се зголемени сметките за струја. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката на Скопје и претседателка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Данела Арсовска, вели дека ако Владата не им одговори со помош за Општините за 7 дена, ќе следуваат сериозни чекори. Притоа, Арсовска не кажува за какви сериозни чекори станува збор, а 17 февруари исто така барајќи помош од Владата за справување со економската криза најави радикализирање.

    „На средбата, ЗЕЛС донесе заклучок да ѝ даде на Владата рок од седум дена за одговор за состанок за изнаоѓање решенија на барања врзани за горливите проблеми, а доколку нема одговор оттаму најавија дека ќе следат сериозни чекори. Од ЗЕЛС уште во февруари побараа итен состанок со Владата, со премиерот Димитар Ковачевски и со претставници на ресорите кои се директно поврзани со справувањето со последиците од енергетската криза, за да се најде решение за проблемите на граѓаните на локално ниво. Градоначалниците веќе подолг период укажуваат на повеќекратно зголемување на сметките за електрична енергија, а во некои општини и за повеќе од 500 проценти во однос на тие пред почетокот на кризата“, соопшти Арсовска.

    Општините веќе неколку месеци бараат финансиска помош од Владата, бидејќи им се зголемени сметките за струја и, како што велат, ќе треба да ги потрошат средствата за инфраструктурни проекти за да се покријат овие трошоци. Велат, ако Владата не им ја субвенционира разликата меѓу старата и новата цена нема да можат да работат ништо друго, туку ќе има пари само за плати и сметки за струја.

    „Претставниците на ЗЕЛС бараат навремена реакција од Владата за надминување на оваа состојба, особено со пренесените надлежности за кои Владата треба да ги исполнува своите обврски, а доколку тоа не се случи час поскоро, ќе се доведе во прашање функционирањето на локално ниво“, соопшти Арсовска.

    На денешната седница на градоначалниците се дискутирало и за проблемите што ги имаат најголем дел од општините со Агенцијата за катастар на недвижнини, поради што има огромни проблеми во прибирањето на ажурирани податоци за наплата на данокот на имот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира