АКТИВИСТИТЕ СО ЖИВ ЅИД СПРЕЧИЈА АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА ПЛАТЕНИ ОД КОНЦЕСИОНЕРОТ НА МЕСТОТО ПРЕДВИДЕНО ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА

    АКТИВИСТИТЕ СО ЖИВ ЅИД СПРЕЧИЈА АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА ПЛАТЕНИ ОД КОНЦЕСИОНЕРОТ НА МЕСТОТО ПРЕДВИДЕНО ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦАФинансиерот на археолошкото истражување е концесионерот „Еуромакс“, бидејки мора да се направи на местата каде се планираат коповите и постројките, а еко активистите најавија натамошни блокади и бараат Владата да ја спречи изградбата на рудникот оти концесијата на фирмата е истечена. (Фото: СДК.МК)

    Жители од Иловица и Штука заедно со активистите против рудници од здруженијата „Здрава котлина“ и „Еко долина“’ ги спречија археолозите од Заводот и Музеј од Струмица да ги продолжат археолошките истражувања на локалитетите каде треба да никне рудникот за бакар Иловица-Штука на планината Огражден. Гневни се што и покрај нивните барања да се стопира целиот процес, надлежните ја тераат постапката иако, како што тврдат, е истечена концесијата на „Еуромакс“ која нема правна основа за било какви дејствија на планината Огражден за потенцијалниот рудник за бакар.

    „Денес на падините на Огражден група активисти со жив ѕид и моторни возила го блокираше патот до рудникот на смртта Иловица-Штука. Со ова започнува новата фаза од нашата борба, со употреба на жив ѕид и блокади на сите теренски активности на концесионерот кој веќе три години оперира со истечена концесија. Утрово го спречивме конвојот од археолози и работници на ‘Еуромакс’. Ова е прва од ваквите блокади и ги предупредуваме ‘Еуромакс’ да ја разберат пораката, а посебно испраќаме порака до Владата во најскоро време да го донесе потребното решение и согласно законите да биде одземена концесијата за рудникот“,  соопштија од здружението „Здрава котлина“.

    Археолозите и вработените од „Еуромакс“ се повлекле за да не дојде до каков било конфликт. Од Заводот и Музеј во Струмица потврдија дека нивните археолози биле спречени. Станува збор за археолошко истражување на локалитетот Анови, каде археолозите почнале да вршат ископувања за да утврдат дали има археолошки наоди. Признаа дека биле ангажирани од компанијата „Еуромакс“, но нивното дејстување е во рамките на законската регулатива.

    „Ископувањата се законска обврска за нашата институција. Финансиерот на истражувањето е ‘Еуромакс’, бидејки мора да се направи на местата каде се планираат коповите и постројките. Активистите беа тука и беа неупатени. Им ојбаснивме дека ова е наша законска обврска и ако одбиевме тоа би било незаконска постапка. Очекувавме да има блокади. Нашиот договор е да завршиме во рок од 60 работни денови и се надеваме дека ќе ја завршиме работата. Нашите резултати ниту ја помагаат ниту ја одмагаат процедурата за концесија за фирмата што ќе го користи овој простор“, кажа директорот на Заводот и Музеј од Струмица Ацо Манински, кој вели дека други се институциите што ќе дадат дозвола за рудник.

    Активистите од „Здрава котлина“ и „Еко долина“ се заканија дека и во наредните денови ќе ги спречат археолозите и вработените на „Еуромакс“ да оперираат на Огражден на археолошките истражувања.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира