АМБАСАДОРИ САДЕА ДРВА НА ПРИЈАТЕЛСТВО ВО ДИВО НАСЕЉЕ ЗА ДЕНОТ НА ЕВРОПА

    АМБАСАДОРИ САДЕА ДРВА НА ПРИЈАТЕЛСТВО ВО ДИВО НАСЕЉЕ ЗА ДЕНОТ НА ЕВРОПАУтре се навршуваат три години од вооружениот инцидент во Диво насеље. - Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние сади дрво (Фото: СДК.МК/принтскрин)

    Амбасадорите на Франција, Шпанија, Италија и на Хрватска Кристијан Тимоние, Емилио Лоренсо Сера, Карло Ромео и Данијела Баришиќ, по повод Денот на Европа, денеска засадија дрва во кумановско Диво Насеље, во близина на местото каде што на 9 и 10 мај 2015 година вооружена група од Косово ги нападна македонските безбедносните сили, при што загинаа осум полицајци, а повеќе од 30 беа ранети.

    „Токму од овде, од Тоде Мендол, сакаме да испратиме заедничка порака на пријателство во присуство на четворица амбасадори, на држави земји членки на ЕУ- Франција, Шпанија, Италија и Хрватска. Сакаме да испратиме порака дека Куманово било и секогаш ќе биде космополитски град, во кој живеат граѓани-кумановчани, единствени по својот став и убедување дека заедно треба да градиме поубава иднина. Лошите работи да ги оставиме зад нас. Да се потсетуваме и никогаш да не дозволиме повторно во нашиот град да имаме жртви, особено не оние кои ја бранат и штитат државата и нејзиниот интегритет“, изјави градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, по акцијата.

    Одбележувањето на Денот на Европа продолжи со трибината „70 години од Хашката конференција-препораки и пораки“, која ја организираше Општина Куманово и Европското движење во РМ, на која присуствуваа и претставниците на дипломатскиот кор.

    „Сакам да истакнам дека Европа се заснова на заштита на суштинските и фундаментални вредности на човекот. Сметам дека тоа ќе биде главната порака на Самитот во Софија, односно изградбата на правната држава која ќе биде основа на проширувањето на Европската унија. На некој начин можеме да кажеме дека продолжуваме во тој дух и тој ветер што го создаде Хаг ќе продолжи да дува и на Самитот во Софија. Пораката е дека препреките треба да паднат и да се изгради правната држава, но изградбата на правната држава се прави чекор по чекор. За обединување на европскиот континент, треба да направи чекор по чекор. Токму тоа е пораката што ќе се даде во Софија, ефективна изградба односно ефективно создавање, кое ќе овозможи овој регион да биде интегриран во рамките на европското семејство“, рече францускиот амбасадор Тимоние.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира