АМБАСАДОРОТ ГЕРБЕРИХ ГОВОРЕШЕ НА ФРАНЦУСКИ, А ТИМОНИЕ НА ГЕРМАНСКИ ЈАЗИК НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 56-ГОДИШНИНАТА ОД ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКИОТ ДОГОВОР ВО ТЕТОВО

    АМБАСАДОРОТ ГЕРБЕРИХ ГОВОРЕШЕ НА ФРАНЦУСКИ, А ТИМОНИЕ НА ГЕРМАНСКИ ЈАЗИК НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 56-ГОДИШНИНАТА ОД ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКИОТ ДОГОВОР ВО ТЕТОВОАмбасадорите на Франција и Германија Кристијан Тимоние и Томас Герберих учествуваа на трибината „Германско-францускиот Договор за пријателство во контекст на актуелните предизвици на Македонија и на регионот Западен Балкан“ во Тетово (Фото: СДК.МК)

    По повод 56-годишнината од потпишувањето на германско-францускиот Договор за пријателство, амбасадорите на Германија и Франција Томас Герберих и Кристијан Тимоние, учествуваа на трибина која се одржа во мултикултурниот центар ЛОЈА во Тетово.

    „На 22 јануари 1963 година, сојузниот канцелар Аденауер и францускиот претседател Де Гол го потпишаа германско-францускиот Договор за пријателство, познат како Елисејски договор. Овој договор е основа на историското помирување меѓу двете земји. Надоврзувајќи се на овој Договор, сојузната канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон денес потпишаа Договор за соработка и интеграција. Со тоа сакаме да се соочиме со предизвиците на 21. век“, рече германскиот амбасадор Томас Герберих кој говореше на француски јазик.

    „Овој датум, 22 јануари, од потпишувањето на Елисејскиот договор во 1963, стана дел од ритуалот на односите помеѓу двете земји. Но, оваа година, тој датум се одбележува со нова етапа во продлабочувањето на нашето пријателство и соработка. По времето на помирување, доаѓа времето на конвергенција на големите ориентации на нашите земји“, рече францускиот амбасадор Тимоние, кој говореше на германски јазик.

    Во рамките на свеченоста во Тетово беше прикажан филмот „Транзит“ на  германскиот автор Кристијан Пецолд, според истоимениот роман од Ана Сегерс, приказна за Германец кој за време на Втората светска војна поради националсоцијалистите бега во Франција.

    По филмот се одржа трибина на темата „Германско-францускиот Договор за пријателство во контекст на актуелните предизвици на Македонија и на регионот Западен Балкан“, на која покрај амбасадорите на Франција и Германија учествуваа и преставници од културниот, образовниот и невладиниот сектор од Македонија.

    Меркел и Макрон вчера го потпишаа Договорот за соработка и интеграција во германскиот град Ахен. Со овој нов договор, кој ќе ги прошири веќе блиските односи меѓу Германија и Франција во економската, надворешната и безбедносната политика, во областите култура и образование, истражување и технологија, клима и животната средина, како и во однос на соработката меѓу граничните региони и невладиниот сектор, Германија и Франција сакаат заедно да се соочат со предизвиците на 21 век и да го унапредат својот ангажман за силна, суверена и демократска Европа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира