АРСОВСКА ДВЕ НЕДЕЛИ НЕ ГИ ПРИФАЌА ОСТАВКИТЕ НА ДИРЕКТОРИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ И УШТЕ НЕМА НАЗНАЧЕНО НОВИ

    АРСОВСКА ДВЕ НЕДЕЛИ НЕ ГИ ПРИФАЌА ОСТАВКИТЕ НА ДИРЕКТОРИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ И УШТЕ НЕМА НАЗНАЧЕНО НОВИДиректорите велат дека иако поднеле неотповикливи оставки и истите ги имаат доставено до архивата на Град Скопје, се` уште немаат никаков одговор. (Фото: Град Скопје)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска уште нема прифатено ниту една оставка на директорите од ВМРО-ДПМНЕ, кои уште пред две недели ги доставија до Градот. Откако Арсовска го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и почнаа караниците со ВМРО-ДПМНЕ која ја поддржа на изборите и со лидерот Христијан Мицкоски, директорите еден по еден си поднесуваа оставка. Најпрво оставки поднесоа директорите на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски и на депонијата „Дрисла“ Јане Мицевски. Потоа оставките поради немање комуникација и соработка со Арсовска поднесоа и директор на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов, на „Лајка“ Воислав Димитровски и на ЈП „Паркови Зеленило“ Ангеле Сотировски.

    Директорите за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека иако поднеле неотповикливи оставки и ги имаат доставено до архивата на Град Скопје, се` уште немаат никаков одговор од Градот односно не им се прифатени оставките и тие мораат да одат на работа и да го управуваат претпријатието.

    „Додека не ни се прифати оставката ние сме директори со сите должности и одговорности. Доколку настане некоја штета ние одговараме, а наскоро треба да се подели и плата на вработените. Aпелирам до градската администрација да си постапи во согласност со законот, да ја прифати мојата неотповиклива оставка и да назначи нов директор. Работата во претпријатието мора да продолжи без одлагање. Тековните активности и новитети не смеат да запрат без разлика на несогласувања и политички комбинаторики“, вели директорот на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски.

    Градоначалничката Данела Арсовска минатата недела, прашана зошто уште не се прифатени оставките и не се поставени нови директори на претпријатијата, кусо одговори дека во законскиот рок ќе бидат назначени нови раководства на јавните претпријатија.

    Во јавните претпријатија во Град Скопје на функција останаа само директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски и директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева, кои велат дека не планираат да поднесат оставки бидејќи се задоволни од соработката и водењето на Градот на градоначалничката Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира