И ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКОВИ“ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ОСТАНАА САМО ДИРЕКТОРИТЕ НА ЈСП И „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ КОИ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ЗАДОВОЛНИ ОД АРСОВСКА

    И ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКОВИ“ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ОСТАНАА САМО ДИРЕКТОРИТЕ НА ЈСП И „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ КОИ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ЗАДОВОЛНИ ОД АРСОВСКАЗа Социјалистичката партија чиј кадар е Сотировски неприфатлив е одмазднички однос на Арсовска кон кадрите предложени од политичките партии кои застанаа зад нејзината кандидатура и промоција. - Директорите Стојковски, Мазнева и Сотировски (Фото: СДК.МК)

    И директорот на скопското ЈП „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски денеска поднесе оставка од функцијата бидејќи не е задоволен од соработката со градоначалничката Данела Арсовска. Сотировски е кадар на Социјалистичката партија која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

    Од партијата велат дека нема да ја поддржат Арсовска бидејќи „неприфатлив е нејзиниот неразумен и одмазднички однос кон кадрите предложени од политичките партии кои застанаа зад нејзината кандидатура и промоција и кои несебично учествуваа во изборната кампања“.

    Затоа директорот Сотировски поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Во изминатиот период само неговата стручност, високиот морален интегритет и посветеност во исполнувањето на предвидените програмски активности овозможија стабилизирање и развој на ова јавно претпријатие“, велат од партијата.

    Сотировски поднесе оставка откако тоа го сторија сите директори кои Арсовска ги назначи на функција, а се членови на ВМРО-ДПМНЕ. На функција останаа само директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски и директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева.

    Стојковски и Мазнева за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека не планираат да поднесат оставки бидејќи се задоволни од соработката и водењето на Градот на градоначалничката Арсовска.

    Јас сум борец, долго време сум во претпријатието и не гледам причина зашто би поднел оставка. Со тоа би ги оставил вработените на цедило и во неизвесност. Задоволен сум од соработката со Арсовска“, вели Стојковски.

    Мазнева беше назначена за директорката на „Комунална хигиена“ во јули откако Арсовска го разреши Зуди Енуз од Алијанса за Албанците,чиј брат пукаше во воздух за време на протестот против францускиот предлог, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го обвини дека сакал да пука во него. Таа вели дека е задоволна од соработката со градоначалничката Данела Арсовска и не само што не планира да поднесе оставка, туку е и изненадена од оставките на другите директори.

    „Навистина не знам на што се должи тоа сам да си поднесеш оставка ако ревносно, совесно и транспарентно ги исполнуваш задолженијата што ти следуваат како обврска како директор на јавно претпријатие“, вели Мазнева.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира