АРСОВСКА НА ОБУКА ВО ЊУЈОРК, НЕ КАЖУВА ДАЛИ ЛЕТАЛА СО БИЗНИС КЛАСА И КОЈ ЈА ПЛАТИЛ КАРТАТА

    АРСОВСКА НА ОБУКА ВО ЊУЈОРК, НЕ КАЖУВА ДАЛИ ЛЕТАЛА СО БИЗНИС КЛАСА И КОЈ ЈА ПЛАТИЛ КАРТАТААросвска учествува на програма за обука на градоначалници на Блумберг Харвард.(Фото: Блумберг Харвард)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска од понеделникот е на обука во Њујорк во рамките на програмата за градоначалници на Блумберг Харвард (The Bloomberg Harvard City Leadership Initiative). Како што стои во официјалното соопштение од Блумберг Харвард во едногодишната програма ќе учествуваат 40 градоначалници од цел свет, а од регионот покрај Арсовска е и градоначалничката на Сараево Бенјамина Кариќ. Програмата треба да ги обучи и подготви градоначалниците за решавање на предизвиците во нивните општини и градови и како да го подобрат квалитет на живот на граѓаните.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК Арсовска за Њујорк одлетала во петокот наутро (15 јули) со Туркиш ерлајнс преку Истанбул. Патници на летовите од Скопје до Истанбул и од Истанбул до Њујорк кои ја контактираа нашата редакција велат дека  Арсовска седела во бизнис класата.

    Градоначалничката Арсовска не одговори на нашите прашања дали е точно дека до Њујорк летала со бизнис класа за која картите чинат и до тројно повеќе од економска класа, во овој случај околу 5.500 евра, и дали се купени со пари од буџетот на Градот или се покриени од организаторот на обуката.

    Од кабинетот на Арсовска соопштија дека во САД остварила средба со градоначалничката на Бостон Мишел Ву. (Фото: Град Скопје)

    Наместо одговор на нашите прашања неколку часа подоцна од Град Скопје испратија соопштение до сите медиуми во кое обуката на градоначалничката заедно со четириесетината други градоначалници од целиот свет го врзаа со „стратешкото партнерство со САД“  и „зголемена соработка на лидерите на градовите на билатерално ниво“, проследено со фотографија од Арсовска и градоначалничката на Бостон Мишел Ву која исто така била на настанот во Њујорк. Од Градот информираа дека Арсовска има можност да учествува во целосно финансирана едногодишна програма за градење на капацитетите на покана на Универзитетот Харвард.

    „Ми беше чест да го претставувам градот Скопје на иницијативата која во САД обединува градоначалници кои можат билатерално да понудат поддршка и да разменат искуства и знаења. При сите заеднички предизвици со кои се соочуваат градовите, ова е единствена платформа наменета за градоначалници, каде се градат капацитетите за поуспешно справување со секојдневните проблеми, се разменуваат идеи, учат едни од други и си помагаат под исклучително менторство на Универзитетот Харвард“, се вели во изјавата на Арсовска испратена преку соопштение на Градот.

    Во 2018 Владата  го разреши тогашниот директорот на Агенцијата за туризам Александар Донев, кој леташе со бизнис класа до Аргентина на Светскиот самит за авантуристички патувања.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира