AРСОВСКА СЕ ЖАЛИ ДЕКА ПОРАДИ ВМРО-ДПМНЕ НЕ МОЖЕ ДА ЧИСТИ ДЕПОНИИ И ДА ГО РАЗУБАВИ КЕЈОТ НА ВАРДАР

    AРСОВСКА СЕ ЖАЛИ ДЕКА ПОРАДИ ВМРО-ДПМНЕ НЕ МОЖЕ ДА ЧИСТИ ДЕПОНИИ И ДА ГО РАЗУБАВИ КЕЈОТ НА ВАРДАРСоветниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за точката со која треба да се обезбедат дополнителни 12 милиони денари за да се продолжи со чистење на депонии и уредување н на кејот. (Фото: К.Попов)

    Поради ВМРО-ДПМНЕ не може да се продолжи со чистење на дивите депонии низ градот и со разубавување кејот на реката Вардар, велат од кабинетот на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

    Реакцијата следува откако на вчерашаната седница на Советот на Град Скопје, советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за Предлог-одлуката за изменување на програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки,отворените канали и расчистување на дивите депонии за 2022 година. Со тоа немаше доволен број на гласови „за“ и оваа програма не се прифати.

    Со новата предлог програма за да може да се продожи со чистење на депонии и уредување на кејот од буџетот треба да се обезбедат дополнителни 12 милиони денари.

    „Поради потребата од зголемен обем на работни активности во тековната година, потребно е измена на вкупната вредност на програмата  и тоа износот од 29 милиони денари да се  замени со износот од 41,5 милиони денари денари“, стои во образложението од градоначалничката Арсовска.

    Од кабинетот на Арсовска велат дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ поради тесно партиски и лични интереси решија да делуваат на штета на граѓаните на градот Скопје.

    „Тие го стопираа расчистувањето и разубавувањето на кејот на реката Вардар како и сите нејзини притоки, но и проектот за расчистување на дивите депонии во градот Скопје. Истите советници, гласаа и за ставање вон функција на жичницата на Водно, со тоа што гласаа негативно на предлогот ЈСП да може да генерира дополнителен приход преку издавање на рекламен простор на жичницата. Со ова, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, го ставија во директна опасност рентабилното функционирање на ЈСП и жичницата. Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште еднаш се покажа пред граѓаните. Иако во јавноста постојано повторуваа дека ја поддржуваат програматата ‘За Модерно Скопје‘, токму тие работат во директна спротивност на истата“, стои во реакцијата од кабинетот на Арсовска.

    Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција како што велат од Градот, гласаа дискриминаторски по точката за носење на годишните програми на средните училишта, селектирајќи го нивното гласање позитивно само во училиштата каде што раководен кадар се лица кои на ним им одговараат.

    Кавгата меѓу градоначалничката Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ продолжи и на вчерашната седница. Советниците од ВМРО-ПМНЕ ѝ рекоа на градоначалничката дека секој ден треба да се моли пред слика на Христијан Мицкоски и да не бил тој и нивната партија никогаш немала да собере потписи за да се кандидира на локалните избори, ниту пак ќе победела. Таа им возврати дека не може до вчера да им чинела, а сега да не чини и повторно од говорницата го нарече Мицкоски шпицен градоначалники. На претседателот на Советот Трајко Славески му со обрати со „Талат Славески“ оти и го исклучувал микрофонот кога зборувала за неговиот партиски лидер Мицкоски.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира