АРСОВСКА УШТЕ НЕ РАСПИШАЛА ТЕНДЕР ЗА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, ЛАНИ РЕЧЕ ДЕКА ЌЕ НАКИТИ УШТЕ ВО СЕПТЕМВРИ

    АРСОВСКА УШТЕ НЕ РАСПИШАЛА ТЕНДЕР ЗА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, ЛАНИ РЕЧЕ ДЕКА ЌЕ НАКИТИ УШТЕ ВО СЕПТЕМВРИОткако лани Финансиската полиција влезе во Градот да врши проверки, градоначалничката Арсовска на официјалниот фејсбук профил објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз. (Фото: Град Скопје)

    Ниту годинава Град Скопје нема распишано тендер или јавен повик за новогодишно украсување на градот. Лани градоначалничката Данела Арсовска гостувајќи на подкаст на „Инфомакс“ одговарајќи на критиките дека доцна, односно после 15 декември почна да го кити градот, рече дека во 2024 година Скопје ќе биде украсено уште во септември.

    Градоначалничката Данела Арсовска сега не одговара на нашите прашања дали годинава Скопје ќе се украсува и кој ќе го украсува со оглед дека не се почнати постапките за набавки. На страната на Бирото за јавни набавки нема објавено тендер. Од Кабинетот на Арсовска не добивме одговор ниту на нашите прашања ако се планира украсување зошто не е распишан тендер и како се планира да се спроведе тоа без тендерска постапка.

    Минатата година Арсовска го накити градот без тендер и никогаш не кажа кој украсуваше. Рече само дека се потрошени 30.000 евра, но на кого се исплатени парите и врз основа на каков договор не даваше одговор.

    За овој случај во Град Скопје влезе Финансиската полицијата и оформи предмет.

    „Во тек се проверки за утврдување на фактичката состојба, како и прибирање на потребниот доказен материјал, но поради тајност на предистражната постапка согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, не сме во можност за истите подетално да ве информираме“, ни изјавија од Финансиската полиција на 2 октомври.

    Откако лани Финансиската полиција влезе во Градот да врши проверки, градоначалничката Арсовска на официјалниот фејсбук профил објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира