Секторот за внатрешни работи Тетово спровел акциска контрола за исправноста на автобуси и такси возила кои вршеле јавен превоз на патници во Тетовскиот Регион при што од 40 исконтролирани возила кај 21 биле пронајдени недостатоци. 13 возила биле со неисправни сопирачки, 4 биле без извршен технички преглед, а 2 со истечена регистрација. Поради овие недостатоци, полицијата 15 возила веднаш ги исклучила од сообраќајот. Покрај тоа, биле изготвени 19 прекршочни платни налози и 2 барања за поведување прекршочна постапка.
Ништо подобра не е состојбата ни во гостиварското подрачје. Таму биле исконтролирани 21 возило кое вршело јавен превоз, при што две од нив биле со неисправни сопирачки, три со неисправни други уреди, четири немале извршено технички преглед, а едно било со истечена регистрација. Откриените прекршоци биле санкционирани со 10 прекршочни платни налози.
„Контролните активности на техничката исправност на возилата, а пред сѐ на оние од јавниот превоз на патници, континуирано ќе се реализираат на тетовско-гостиварското подрачје и во наредниот период, сѐ во функција на отстранување од сообраќај на неисправните возила и подобрување на вкупната безбедност во сообраќајот“, изјави портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
З. АНДОНОВ