БАЛЕРИНА ОД БОЉШОЈ ТЕАТАР СИМБОЛИЧНО ЗАГИНА ЗА СПАС НА ОХРИД, НА ПРОТЕСТНИОТ ЕКО ПЕРФОРМАНС

    БАЛЕРИНА ОД БОЉШОЈ ТЕАТАР СИМБОЛИЧНО ЗАГИНА ЗА СПАС НА ОХРИД, НА ПРОТЕСТНИОТ ЕКО ПЕРФОРМАНСБалерината Елена Гарсија изведе дел од сцената умирање на лебедот од балетот „Лебедово езеро” на Чајковски, во која сценографија беше подигањето на црните згради со црвени покривчиња кои ја симболизираат разулавената урбанизација што го убива лебедот како симбол на убавината и сето живо во природата (Фото: Фејсбук)

    Балерината Елена Гарсија од рускиот Бољшој театар вчера симболично загина на протестниот еко перформанс за заштита на Охрид пред општинската зграда, со кој активистите побараа мораториум на сите градежни активности на крајбрежјето на Охридското Езеро. Гарсија изведе дел од сцената умирање на лебедот од балетот „Лебедово езеро” на П. И.Чајковски, во која сценографија беше подигањето на црните згради со црвени покривчиња кои ја симболизираат разулавената урбанизација, го убива лебедот како симбол на убавината и сето живо во природата, кој умира од тие монструми кои што се надвиснати над него. На крајот на нејзиниот настап, ѓубреџии ја ставаат во црни кеси и ја изнесуваат како смет.

    Гарсија изведе дел од сцената умирање на лебедот од балетот „Лебедово езеро” на Чајковски, а на крајот на нејзиниот настап ѓубреџии ја ставаат во црни кеси и ја изнесуваат како смет (Фото: Фејсбук)

    Перформансот го изведе група активисти, меѓу кои и прочуениот и наградуван театарски режисер Иван Поповски, кој живее и работи во Москва.

    На протестот настапи и поетот Бруно од Франција, кој рецитираше песна која специјално ја составил за Охридското езеро: „Охридско Езеро те сакаме, Охридско Езеро те браниме, Охридско Езеро ќе те спасиме, Охридско Езеро наше, Охридско Езеро на УНЕСКО, на Македонците, на Европејците, на Африканците, на Американците, на Австралијците, на Азијците…”.

    Перформансот го изведе група активисти, меѓу кои и прочуениот и наградуван театарски режисер Иван Поповски (десно), кој живее и работи во Москва (Фото: Фејсбук)

    Всушност Бруно и Елена се двојка, пријатели на Поповски, кои со години летуваат во Охрид, а организаторите на еко перформансот велат дека при повеќенеделните подготовки тие самите предложиле да учествуваат во протестот.

    Самиот Поповски, кој лете одмара во Лагадин, со години не пропупшта пригода да апелира за заштита на Охрид.

    „Охрид треба да се смета како свето место за планетата, не во религиозна смисла. Таму треба да е тишина, да владее мирот, тоа може да е и во преносна смисла. Треба на раат да се остават природата и животните, не зборувам само за Блатото, Лагадин, Галичица, туку и за градот, кој веќе нема мир. Треба да се стопира сѐ што се гради и што се планира. Треба да биде тишина. Ние сме среќни што го имаме тоа место, а не некој друг. Некои други биеле војни за него, а ние го имаме и можеме сами да го уништиме од глупост. Се надевам дека ќе се најдат разумни луѓе кои ќе ги отрезнат оние кои се зашеметени од краткоречен финансиски интерес. Кога зборуваме за Охрид, зборуваме за вечноста“, рече лани Поповски пред фестивалот „Иван се враќа дома“ на кој за првпат во Македонија се играа неговите руски претстави.

    Францускиот поет Бруно и Елена Гарсија се двојка, пријатели на театарскиот режисер Иван Поповски, кои со години летуваат во Охрид, а организаторите на еко перформансот велат дека при повеќенеделните подготовки тие самите предложиле да учествуваат во протестот (Фото: Фејсбук)

    Кон протестниот перформанс се приклучија и туристи од Белгија, Италија, Франција, Русија, Молдавија, Грузија, Србија кои во моментот се на летување на охридското крајбрежје.

    Ова е трет протестен еко перформанс што аквтивистите го прават со барање да се  спречи градењето во заштитената зона во Лагадин  и мораториум на сите градежни активности на охридското крајбрежје. Локалната власт досега не презеде ништо да го спречи и санкционира дивото градење во Охрид.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари