ДА ЗАПРАТ СИТЕ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ КАЈ ЛАГАДИН, ПОБАРАА АКТИВИСТИТЕ НА ЕКО ПРОТЕСТ ПРЕД ОПШТИНА ОХРИД

    ДА ЗАПРАТ СИТЕ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ КАЈ ЛАГАДИН, ПОБАРАА АКТИВИСТИТЕ НА ЕКО ПРОТЕСТ ПРЕД ОПШТИНА ОХРИД„Општиот акт за село Лагадин е дело на претходната владејачка гарнитура во Охрид. Доколку и оваа власт и оваа Влада не направат ништо против Општиот акт, тоа значи соучесништво односно дека заеднички се организираат во криминал”, рече Мирослав Котевски, претседател на Здруженеито „Стар Лагадин“ (Фото: СДК.МК)

    Екологистите денес одржаа уште еден протест пред општинската зграда во Охрид, за да го свртат вниманието на институциите и на јавноста за сериозната опасност Охрид да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО. Тие сметаат дека до ова може да дојде поради уништувањето на крајбрежјето на Езерото, со хиперурбанизација и развивање масовен туризам, во услови на нефунционален и нецелосен колекторски ситем. Мирниот протест го организираа Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ и здружението „Стар Лагадин“, поддржан од „Гоу грин“, „Фронт 21/42“ и Здружението за заштита на животните и животната средина „Е.Д.Е.Н.“.

    Од здружението „Стар Лагадин“ во име на жителите на населбата побараа од локалната власт да се заложи за поништување на Општиот акт за село Лагадин, најмалку со запирање на сите издадени дозволи за градење и сите идни дозволи за градење, и да ја поддржи иницијативата поднесена пред Уставниот суд за поништување на самиот акт.

    „Општиот акт е дело на претходната владејачка гарнитура во Охрид. Доколку и оваа власт и оваа Влада не направат ништо против Општиот акт, тоа значи соучесништво односно дека заеднички се организираат во криминал”, рече Мирослав Котевски, претседател на Здруженеито „Стар Лагадин“.

    Тој побара прогласување мораториум на сите градежни активности на крајбрежјето на Охридското Езеро.

    “Постои голема колизија меѓу законите за градба, законите за екологија, и оние за урбанизам. Потребно е да се изготви ревизија на сите закони, истите да се усогласат, за да се избегнат недоследности и грешки во минатото, да се издаваат дозволи за градење притоа субјекти да се повикуваат на одредби од законите што им одговараат, негирајќи го притоа она во легислативата што е против”, рече биологот д-р Трајче Талевски, кој е и активист на „Охрид СОС“.

    Тој кажа дека она што изминатите години и моментално се случува на езерското крајбрежје е еколошка катастрофа, бидејќи се вршат градежни зафати што се спротивни на елементарните природни законитости.

    Екологистите рекоа дека од Општина Охрид чекаат одредени документи кои им се потребни за натамошно делување, и дека поднеле барања до Уставниот суд и Комисијата за пристап до информации од јавен карактер.

    Д.ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира