БАРАЈЌИ ДАЛИ СЕ ПОЧИТУВА ЗАБРАНАТА ЗА КОРИСТЕЊЕ ВОДА ВО ГОСТИВАР, ИНСПЕКТОРИТЕ НАЈДОА НЕБЕЗБЕДНИ ВИРШЛИ, САЛАМИ И ЈОГУРТИ

    БАРАЈЌИ ДАЛИ СЕ ПОЧИТУВА ЗАБРАНАТА ЗА КОРИСТЕЊЕ ВОДА ВО ГОСТИВАР, ИНСПЕКТОРИТЕ НАЈДОА НЕБЕЗБЕДНИ ВИРШЛИ, САЛАМИ И ЈОГУРТИВодата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. (Фото: СДК.МК)

    Триесет парични казни во вкупна висина од 7.750 евра добија оператори со храна во Гостивар поради непочитување на повеќе мерки, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Инспекторите кои вршеа надзор во Гостивар дали се почитува донесената забрана за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем, најдоа небезбедна храна и повеќе недоследности во мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

    Водата во Гостивар е забранета за пиење од 17 јули, откако инстутуциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се над 3.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.

    Агенцијата соопшти дека инспекциските служби на 21 јули во Гостиварско спровеле 70 вонредни надзори со кои беа опфатени промет, кафе барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, производство и пакување на овошје и зеленчук и др оператори со храна.

    „Кај операторите не се утврдени отстапки во овој дел, односно, за послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата, забраната се почитувала и се користела пакувана вода и безбедна вода во спроведувањето на работните процеси. За послужување на гостите во угостителските објекти, утврдено е дека се употребуваат пластични и хартиени чаши и прибор“, вели АХВ.

    Во однос на утврдените недоследности – неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација (5 оператори), неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените кај 18 оператори, затекнати се и 11 правни лица кои не се регистрирани како оператори со храна во АХВ, за што покрај парична казна изречена им е и времена забрана за вршење на дејноста до регистрирање.

    Двајца оператори утврдено е дека пуштале во промет небезбедна храна во количина од 18 килограми (виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами, путер) кои се нештетно уништени.

    „За констатираните недоследности покрај наложеното спроведување на задолжителни здравствени прегледи за вработените лица кај операторите со храна, забрани за вршење на дејност (12), опомена и наредби за отстранување на недоследностите со контролите, изречени се и 30 парични казни во вкупна висина од 7.750 евра во денарска противвредност“, соопшти Агенцијата.

    Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до операторите и граѓаните да се почитува забраната за употреба на водата од градскиот водоводен систем, а секоја недоследност и непочитување на донесената забрана може да ја пријават лично во АХВ или во нејзините подрачни единици, електронски на [email protected], како и на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира