ПРВО ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ ХИДРОХЛОРИРАЊЕ НА СИСТЕМОТ ВО ГОСТИВАР ЗА ДА МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ВОДАТА КАКО ТЕХНИЧКА, ПА ПОТОА ЗА ПИЕЊЕ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИ

    ПРВО ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ ХИДРОХЛОРИРАЊЕ НА СИСТЕМОТ ВО ГОСТИВАР ЗА ДА МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ ВОДАТА КАКО ТЕХНИЧКА, ПА ПОТОА ЗА ПИЕЊЕ, РЕЧЕ ТОШКОВСКИЦели 22 дена пумпи внесувале вода со фекалии во градскиот водовод, а Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска апелираше дека водата сѐ уште не може да се користи. (Фото: СВР Тетово)

    Првично ќе треба да се направи хиперхлорирање на водоводниот систем во Гостивар, кажа денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по посетата на Општата болница „Ферид Мурат“ во Гостивар. Цели 22 дена пумпи внесувале вода со фекалии во градскиот водовод, а Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска апелираше дека водата сѐ уште не може да се користи во градот каде има над 3.150 заразени и од 19 јули е прогласена епидемија.

    Владата денеска прогласи 30-дневна кризна состојба во Општина Гостивар, а целта е побрза координација на институциите, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок.

    „Првичната информација којашто ја имам добиено од страна на дел од експертите е дека ќе треба да се настапи во насока на хиперхлорирање на системот, којшто би требало за краток временски период да го доведе цевководот во нормална состојба за да може водата првично да се користи како техничка вода, а понатаму да може да се користи како вода за пиење“, рече Тошковски.

    Министерот, кој е на чело на Управувачкиот комитет во Владата, кажа дека денеска откако била донесена одлуката, побарал од градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, во Гостивар  веднаш да се упатат експертски тимови на Јавното претпријатие „Водовод“ и заедно со двете одделенија коишто се надлежни во рамки на Градот Скопје, едното за испитување на квалитет на вода, а другото за преземање на потребни активности за враќање во нормална состојба на водата.

    „Целта е да за најкратко можно време прво да се детектира конкретната фактичка состојба која што е денес, а потоа да се одговори соодветно во насока на враќање во состојба на квалитетот на водата којшто е потребен. Првично да имаме соодветен квалитет на вода за техничка употреба на истата, а понатаму во втор степен да имаме соодветен квалитет на вода за пиење кој што, за жал, сега го немаме во овој момент. ​Штом бидат извршени сите испитувања и анализи во текот на денешниот ден, во текот на утрешниот ден ќе ја информираме јавноста за тоа каков е квалитетот на водата којшто ќе биде констатиран од страна на експертите од Градот Скопје коишто дојдоа овде, не само во делот на констатирање на квалитет на водата, туку и во делот на соодветен одговор“, рече Тошковски.

    Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека според податоците од јавните здравствени установи во Гостивар, вчера продолжи трендот на намалување на бројот на новопрегледани пациенти, односно лица кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.

    Во Општа болница Гостивар се регистрирани 111 нови прегледи на Инфективното одделение, 65 нови прегледи на Педијатриското одделение и 7 прегледи во Ургентниот центар, односно вкупно 183 прегледи. Во Здравствениот дом Гостивар се евидентирани 110 прегледи, како и 25 повици до Итната медицинска помош.

    „Во текот на вчерашниот ден вкупниот број пациенти прегледани во болницата е намален за 38 проценти. Во споредба со 19.07.2026 година, кога во Општата болница Гостивар беа регистрирани 289 прегледи, вчера се евидентирани вкупно 183 прегледи. Истовремено, бројот на прегледи во здравствениот дом продолжува континуирано да опаѓа – од 315 пациенти на 18 јули, на 275 пациенти на 19 јули и 110 пациенти на 20 јули“, кажа Клековски.

    Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага и побара триесетдневен притвор за директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ и за двајца раководители на сектори, кои се сомничат за тешки дела против животната средина и природата, беше соопштено на денешната прес-конференција во Гостивар, на која што присуствуваше државниот обвинител Ненад Савески. Тројцата се товарат дека дале налог за поставување пумпи со кои непречистена вода се мешала со водата за пиење, што доведе до масовно заболување на граѓаните.

    Пумпите биле поставени во надворешен канал, со цел да се зголеми притисокот на водата во водоводниот систем за Гостивар и околните села. Анализите од Институтот за јавно здравје покажале присуство на колиформни и фекални бактерии во водата земена од каналот и од преливната станица. Во внатрешноста на каптажата биле детектирани 39 колиформни бактерии, иако според стандардите, таа вредност мора да биде нула. Водата од чешмите кај крајните корисници не покажала присуство на бактерии, но имала зголемено ниво на хлор над дозволените граници.

    Анализата откри водата е силно загадена оти има околу 48 пати повеќе колиформни бактерии од максимално дозволеното, а хлор 2,2 пати над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л, односно 3,7 до 5,5 пати над препорачаниот опсег од 0,2–0,3 мг/л утврден со важечкиот правилник.

    Делото за кое се гонат тројцата осомничени предвидува затворска казна од најмалку четири години. Според Обвинителството, истражната постапка е во почетна фаза и допрва ќе се утврдува причинско-последичната врска помеѓу епидемијата и резултатите од анализираната вода. Доколку се најдат докази, истрагата може да се прошири и на други лица од претпријатието, општината или од други надлежни институции, вклучувајќи ги и оние кои имале законска обврска да ја контролираат исправноста на водата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира