БАЗЕНОТ НА ПОКРИВОТ ОД ХОТЕЛ „ИНТЕРНАЦИОНАЛ“ Е ДИВОГРАДБА И НЕБЕЗБЕДЕН, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС КОЦЕВСКИ

    БАЗЕНОТ НА ПОКРИВОТ ОД ХОТЕЛ „ИНТЕРНАЦИОНАЛ“ Е ДИВОГРАДБА И НЕБЕЗБЕДЕН, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС КОЦЕВСКИВо средата попладне со помош на механизација на покривот беше поставен базен во должина од 10 метри, широчина од 4 метри и длабочина од два метри.(Фото: СДК.МК)

    Новопоставениот базен на покривот од ресторанот на хотел „Интернационал“ во центарот на Велес, може сериозно да ја загрози безбедноста на посетителите од  објектот, кажа градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на вчерашната прес-конференција. Во средата попладне со помош на механизација беше поставен базен во должина од 10 метри, широчина од 4 метри и длабочина од два метри. Гостите кои тука ќе се капат, ќе имаа поглед на центарот на градот и Плоштадот Сармале.

    „Според димензиите на базенот, дополнителниот товар од водата би бил од 40 до 80 тони, во зависност со која количина би се наполнил. За ваквото дополнително оптоварување на зградата, инвеститорот ‘Бинго груп‘ нема доставено статичко мислење или согласност од Институтот за земјотресно инжинерство и сеизмологија или од друга овластена фирма“, рече градоначалникот Аце Коцевски, откако градежен инспектор направил увид на објектот.

    Документацијата покажала дека површината каде инвеститорот сака да го постави базенот се води како кров, а за пристап до него се поставувале импровизирани метални скалила, кои не биле изработени по стандардите.

    „За преземените досегашни дејствија односно поставување на базенот, поставување на скалилата, поставување настрешница со подвижен покрив од страна на инвеститорот до Општина Велес не е доставено барање, ниту е започната било каква постапка за добивање на одобрение за градба  и поставување на таков вид опрема. Инвеститорот нема доставено ниту проект до Општината“, рече Коцевски.

    Коцевски кажа дека од страна на инвеститорот усно бил известен службеник во Општината дека сакаат да изградат базен за деца, проект кој тие го водат како џакузи и дека инвеститорот воопшто не се обратил до нив за спроведување на пропишана законска процедура.  Градоначалникот најави дека тие ќе ја продолжат постапката  во рамките на законските овластувања.

    П. ПЕЧКОВ

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира